Граѓаните ќе добиваат СМС пораки од македонските институции

Граѓаните и фирмите од денеска преку СМС ќе добиваат потсетници и информации за истекување на рокови и на важноста на лиценци, за изготвени дозволи за работа и известувања за јавни повици.

Овој нов систем Е-потсетник го спроведува Министерството за информатичко општество и администрација и е поставен на веб апликацијата www.e-potsetnik.mk

- Станува збор за автоматизирано праќање на потсетници до граѓаните и фирмите за документи/услуги, согласно критериумите и условите утврдени од страна на институциите, во точно определено време или врз основа на предодреден настан. Фактот дека СМС пораките се честа алатка за комуникација и не побаруваат учење на дополнителни вештини, ја прави оваа алатка ефективна за подобрување на комуникацијата и пристапот до владините услуги, информираше министерот за информатичко општетсво и администрација Иво Ивановски.

Засега граѓаните по СМС ќе добиваат информации од пет институции: Министерството за економија, Јавното претпријатие за државни патишта, Управата за водење на матични книги, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој. Системот е достапен за сите граѓани на Република Македонија кои поседуваат мобилен телефонски број од националните оператори.

При регистрација на една услуга по СМС, потребно е да се внесе кодот на услугата, кој го има на порталот, а ќе биде поставен и на шалтерите на петте институции, и одредени карактеристични податоци за секоја услуга со цел единствено идентификување на корисникот и предметот.На корисниците на услугите ќе им се наплати по 5 денари за секој смс потсетник кој ќе го добијат. На самото веб решение постои Каталог на услуги за секоја од институциите, преку кој граѓаните можат да се информираат за видот на услугите кои можат да ги добијат од нив.

Минситерот денеска информираше дека кај оние институции кај кои има електронски бази, одговорот се добива скоро веднаш, користејќи веб сервиси и комуникација систем-до-систем, без учество на вработените од институцијата. Кај институциите без електронски бази, одговорот се добива најдоцна 7 дена по поднесеното барање, откако ќе го одобрат вработените на институцијата.

Со системот Министерството за економија нуди услуги за потсетувања на граѓаните за истекување лиценци за продажба на алкохолни пијалоци во трговија на мало, за решение за категоризација на хотел, мотел и пансион, за кабаре, дискоклуб, ноќен клуб и дискоклуб на отворен простор, а Јавното претпријатие за државни патишта потсетник за изработена дозвола за рекламни табли. Управата за водење матични книги, пак, дава известување за изготвен извод од матична книга за родени, за венчани  и за умрени. Агенцијата за вработување овозможува известување дека работната дозвола за странец е изготвена и потсетување дека работната дозвола за странец ќе истече за 30 дена, а Агенцијата за финансиска помош во земјоделството и руралниот развој известување за јавен повик за ИПАРД Програмата.

19.09.2013 - 11:53
Фото: 
vmro-dpmne.org.mk

најчитано сега