Грабар Китаровиќ: Решение за името па покана за членство во НАТО

Поканата за членство во НАТО ќе биде упатена веднаш штом се дојде до заедничко прифатливо решение за името. Тоа е политички и билатерален процес и ги поттикнуваме и двете страни да продолжат со конструктивен дијалог и соработка за разрешување на прашањето, порача денеска помошник генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија Колинда Грабар Китаровиќ, по средбата со министерот Талат Џафери.

Грабар Китаровиќ потсети дека сите 28 членки на НАТО мора да се согласат околу било која одлука. На новинарско прашање како Алијансата со конкретен механизам може да и помогне на Македонија да ја надмине блокадата од една земја - членка, Грабар Китаровиќ одговара:

- Поканата останува отворена и кога ќе се реши спорот околу името, НАТО не е вклучен во тој спор, тоа е исклучиво билатерално политичко прашање кое треба да се реши. НАТО не се меша во внатрешната политика на државите - членки и не ја коментира внатрешната политика. Во овој случај ние ќе го поздравиме решението кое ќе го постигнете во договор со соседната држава.

Таа повтори дека вратата на НАТО останува отворена, но, тоа е процес кој се заснова на заслуги и во таа насока треба да се продолжи со реформите и неоходните критериуми за секој поединечен аспирант за членство.

- Ве охрабрувам да го искористите времето и процесот и да продолжите со реформите во одбраната, со тоа што ќе ги направите вашите трупи пораспоредливи и поинтероперативни и ќе продолжите да се фокусирате на приоритетите определени во Националната безбедносна стратегија, но и да се продолжи со процесот на зајакнување на институциите, зголемвуање на транспарентноста, борбата против корупцијата и слободата на медиумите, изјави Грабар Китаровиќ, додавајќи дека на овиепрашања вчера биле дискутирани на состанокот во Брисел.

Таа се заблагодари за учеството на припадниците на АРМ во мировните мисии, особено во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што, потенцира, е импресионирана од професионалноста и храброста на македонските мировници кои меѓу другото храбро се спротивставиле на неколку напади на командата во Кабул.

 Џафери и Грабар Китаровиќ денеска ќе го посетат и ќе имаат предавање на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, а за во текот на денот се очекува Грабар Китаровиќ да оствари средби и со претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за одбрана и безбедност Антонио Милошоски и  Влатко Ѓорчев и со шефот на делегацијата во Парламентарното Собрание на Северноатлантската организација, Ермира Мехмети.

19.09.2013 - 11:02

најчитано сега