Антикорупциска: Петре Шилегов манипулира - имотот на Јанкулоска е на кредит

 

Државната Комисија за спречување на корупцијата ги демантира изнесените тврдења на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, дека Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од стапувањето на функцијата го зголемила својот имот за 200.00 евра.

„Министерката Гордана Јанкуловска сиот свој имот и имотот на нејзиниот сопруг како и настанатите промени во нивната имотна состојба ги има ажурно пријавувано во Државната комисија за спречување на корупцијата. Од увидот направен во нејзиниот анкетен лист произлегува дека Јанкуловска во 2006 година од кога е на функцијата министер, пријавила стан во вредност од 50.000 евра стекнат пред стапување на функцијата. По 2006 година тој стан е продаден, а во истиот период Јанкуловска и Илиевски имаат подигнато кредити и заем во вкупен износ од 100.000 евра. Со средствата од кредитите и од продадениот стан имаат купено два стана во вкупна вредност од 140.500 евра за што во пријавените промени во анкетниот лист се приложени и купопродажните договори како и договорите за подигнатите кредити. Очигледно дека не се работи за станови во вредност од 200.000 евра стекнати преку плата, туку становите се купени со долгорочни кредити на сопружниците добиени под редовни банкарски услови.“ - стои во соопштението на Антикорупциската комисија.

Претходно и Јанкулоска ги демантираше тврдењата на Шилегов. Таа побара портпаролот на СДСМ да се извини за како што рече изнесените лаги бидејќи во спротивно ќе поднесе тужба за клевета.

18.09.2013 - 18:22

најчитано сега