СДСМ: Скопје се гради по нов концепт кој работи за граѓаните

Градот Скопје и граѓаните на главниот град, 11 години беа жртва на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо инвестиции за подобрување на квалитетот на живот и почиста животна средина, наместо урбано развивање на градот за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Коце Трајановски спроведоа немилосрдно уништување на се што можеа да уништат, стои во реакцијата на СДСМ.

 
 

Зеленилото во Скопје, по кое градот беше препознатлив, Коце Трајановски го масакрираше за задоволување на мегаломанските апетити на неговиот шеф, Никола Груевски за потребите на најкриминалниот проект „Скопје 2014“.

„Граѓаните на Скопје беа оставени со години да се гушат во загаден воздух, нездрава животна средина, сообраќаен и урбан хаос, додека се трошеа стотици милиони евра за барокни фасади од стиропор, за жални врби во Вардар, палми, панорамски тркала. Со промените Скопје се гради и се развива по нов урбан концепт кој работи за граѓаните и нивните потреби.За да се врати уништеното зеленило во последните шест месеци засадени се 4.000 дрва а оваа есен се планира да се засадат уште нови 8.000 висококвалитетни садници. За зазеленување на градот реконструирани и подигнати се повеќе јавни зелени површини на околу 40.000 квадратни метри. Во тек е обновата на нови 10.200 квадрати зелени површини на повеќе локации“, велат во соопштението СДСМ.

Од таму додаваат дека Дрисла повеќе нема да го загадува воздухот.

„Обезбеден е и ставен во функција е новиот филтер за апсорбирање на ПМ10 честичките, јаглеродмоноксидот и другите честици што се ослободуваат при согорувањето. Започната е постапка за набавка на над 30 нови автобуси на еколошко гориво, вредни над 10 милиони евра, со кои ќе се заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП кои загадуваат. Градот Скопје работи на проектот за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар, што ќе го поврзе булевар АСНОМ кај хотелот „Русија“, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, се до раскрсницата кај скопското сајмиште. Изградбата на колекторскиот систем за одведување на отпадните води во реката Вардар е во тек“, велат од СДСМ.

Во 19 средни училишта во Град Скопје ова лето се врши реконструкција и санација на објектите, дел од нив ќе добијат нови енергетски ефикасни фасади, а во дел ќе се врши реконструкција на внатрешноста и ќе се замени столаријата.

„Конечно Скопје пополека го враќа духот на солидарноста, на културниот живот, онака како што му доликува. Изложби, перформанси, работни и крводарителски акции, концерти и видео-проекции, се само дел од концептот кој ги обединува граѓаните околу вистинските вредности. Овој концепт криминалната матрица на ВМРО-ДПМНЕ не може да го разбере“, стои во реакцијата на СДСМ.

 

 

 

 

 

12.08.2018 - 12:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега