Стружани се запознаа со владините мерки за самовработување
Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија денеска во Струга го презентираа Оперативниот план за активните мерки и програми за вработување за оваа година.
Струшките работодавачи на денешниот форум имаа можност да се запознаат со предвидените услови и мерки.
Според Анита Гаго проект менаџер во „Порака нова“, сите досегашни искуства што ги има оваа организација со Законот за вработување на инвалидни лица, може да се каже дека мерките се многу позитивни. - Има голем број лица со посебни потреби што веќе ги имаме вработено. Последните два месеци имаме трајно вработување за едно и привремено вработување на две лица со посебни потреби. Со заштитните друштва кои вработуваат лица со посебни потреби, соработката ни е на високо ниво. Имаме организирано заеднички обуки и проекти на кои тие ги претставуваат своите работни места за лицата со посебни потреби. Соработката со овие друштва е континуирана, додаде Гаго.
- Занаетчиите не можат сами да ги поднесат трошоците, мора некако да се помага. Како сега што се дава на земјоделци и на други структури, така треба и на некои занаети да им се даде за да опстанат со работата, а воедно да се придобие и некој од младите за да го продолжат занаетот, вели единствениот занаетчија во струшката чаршија, Јоне Кленко.
Целта на форумите е зајакнување на соработката во планирањето и имплементирањето на политиките за вработување на локално ниво.