Македонија една од темите за разговор на утрешниот состанок Самарас-Барозо
Во текот на утрешниот ден во Брисел ќе се одржи средба помеѓу претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо и грчкиот премиер, Андонис Самарас на која една од темите за кои ќе се разговара ќе биде и Македонија, пренесе МИА.
Според портпаролката на Барозо, Пиа Аренкилде-Хансен, главна тема на разговорот Барозо-Самарас се очекува да биде идното шестмесечно грчко претседателство со Унијата, кое започнува на 1 јануари 2014 година. Иако гласноговорничката на претседателот на Комисијата одби директно да одговори дали и Македонија е на масата на утрешниот состанок, високи извори од Комисијата, кои инсистираат на анонимност, потврдуваат дека тоа е всушност една од главните точки.
- Секое прашање е можно да се покрене за време на состанокот на Барозо со Самарас. Сепак, централна тема ќе бидат последните случувања во Грција, а во врска со идното грчко претседателство со Советот на Европската унија. Постои исцрпувачка листа за која двајцата ќе дискутираат, а во меѓувреме ќе се види на состанокот, по кој ќе следи и заеднички ручек, што се тие ќе разговараат. Сепак, нема сомнеж дека голем број на прашања ќе бидат на маса меѓу нив двајца, вели портпаролката Аренкилде-Хансен за МИА.
Грција, Бугарија и останатите 26 земји-членки на ЕУ, мора со консензус да го изберат идниот комесарски состав идната година, при што секоја од државите има право на вето.