Центар забрани пружање и сушење алишта на тераса

 

По забраната за чување кучиња кои гласно лаат, Општина Центар донела уште една одлука која го привлече вниманието на јавноста - забрането е пружање и сушење облека, постелнина или килими на прозорците, терасите, оградите и другите надворешни делови на објектите што гледаат кон јавните и сообраќајни површини, пренесува Курир.

- Забрането е уништување и нагрдување на фасадите со пишување или цртање по нив, како и поставување реклами и други натписи во која било форма и на кое било место без претходно одобрение од надлежен орган, стои во одлуката.

Жителите на Центар не смеат да поставуваат огради од бодликава жица и колци покрај улиците, а оние кои имаат жива ограда задолжени се редовно да ја кастрат, за да не пречи на видливоста, исто како и дрвјата и гранките кои се надвиснати над тротоарите.

- Дворовите, градините и другите слични површини пред објектите покрај јавните површини, треба да бидат во уредна состојба, и на нив по правило, сопствениците да засадат цвеќе или украсни растенија, стои во одлуката.

Kомуналните инспектори и редари редовно ќе бидат на терен и ќе проверуваат дали и како се спроведува оваа одлука. Ако утврдат прекршок, тие се должни да поведат соодветна постапка, а по потреба и решение.

- Kомуналните редари и инспектори имаат право да ги проверат документите за идентификација на физичките лица. При тоа, за констатираните прекршоци инспекторот составува записник и изрекува мандатна казна на самото место во согласност со Законот за комуналните дејности и Законот за прекршоците - велат надлежните од Центар.

15.09.2013 - 12:35

најчитано сега