Отворен фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“

 

Синоќа во Битола почна 34-то издание на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, под мотото „Пушти ја светлината“.
 
Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов го прогласи Фестивалот за отворен, истакнувајќи дека Битола е македонска филмска престолнина во која се одржува најстариот фестивал на светот што го вреднува авторскиот придонес на директорите на фотографија.
 
- Овој фестивал се темели на првите македонски и балкански кинематографи, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Расветлувајќи ја нивната сегашност тие ни осветлија дел од нашето минато и ни овозможија да имаме појасна визија за иднината. Низ објективот на легендарната „Камера 300“ тие не дозволија темнината да го проголта нашето културно минато, напротив ја зачуваа, промовираа и ја афирмираа нашата култура, историја и секојдневие, посочи покровителот на фестивалот во Битола, претседатетелот Иванов.
 
Во своето обраќање, Иванов потенцираше дека фестивалот „Браќа Манаки“ повеќе од три децении е промотор на Република Македонија, на македонската кинематографија и култура во европски и светски рамки. 

Свеченото отворање беше одбележано со врачување на наградата за животно дело која годинава му припадна на најдобриот шпански кинематограф Хосе Луис Алкаин. Златната „Камера 300“ на Алкаин му ја врачи претседателот Иванов.
 
- Како добитник на наградата за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“, длабоко се заблагодарувам на оваа земја, на Македонија и таа за мене е незаборавна бидејќи претставува највисоко признание што може да го добие еден кинематографер. Јас сум човек што работи со светлина и затоа нека биде светлина, порача кинематограферот Хосе Луис Алкаин од фестивалската сцена во Битола.
 
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ претпладнево продолжува со прес конференција на тимот и актерите од македонскиот игран филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи кој синоќа во Битола ја имаше својата светска премиера. Во фестивалскиот прес центар ќе биде претставено и меѓународното жири, додека во кино салите на НУ Центар за култура во текот на денот ќе се одвиваат проекции на филмови од официјалната програма, документарна програма, кратки филмови, филмови за деца и други фестивалски содржини.

15.09.2013 - 10:52
Фото: 
миа

најчитано сега