Тодоров во Турција на средба со директорот на Регионалната канцеларија на СЗО

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во турскиот град Чешме, ќе оствари средба со директорот на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација, Сузана Јакаб.

Предвидено е на средбата да биде потпишан заедничкиот Двегодишен договор за соработка меѓу Министерството за здравство и СЗО-Регионална канцеларија за Европа за периодот 2014-2015 година. Договорот се однесува на техничката поддршка за имплементација на новиот Оперативен план во здравството до 2020 година, како и во областа на незаразните болести.

Утре, пак, Тодоров ќе има свое обраќање на 63-та годишна сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа, на која ќе учестуваат над 300 претставници  од 53 земји-членки на СЗО во европскиот регион меѓу кои и министри за здравство. Оваа година, седницата е организирана од турската Влада. На Регионалниот комитет, меѓу другото, ќе се разговара за стратегии и акциски планови за решавање проблеми од јавното здравство на национално и на регионално ниво.

На седницата ќе се зборува за: Здравје 2020 - негова имплементација и рамка за мониторинг, како и доставување на извештајот за социјалните детерминанти на здравјето и здравствените разлики меѓу земјите во европскиот регион на СЗО; Европски акциски план за ментално здравје за 2014-2020; Забрзан акциски план за елиминација на мали сипаници и рубеола; Реформа на СЗО; и Регионална рамка за надзор и контрола на инвазивни вектори (комарци) и за вектор преносливи болести кои повторно се појавуваат. 

15.09.2013 - 10:22

најчитано сега