Грчката полиција со солзавец ја спречува акцијата на „Златна зора“
Грчката полиција утрово употреби солзавец на плоштадот Синтагма за ги спречи припадниците на неофашистичката партија „Златна зора“ да ја организираат акцијата за делење храна „Само на Грци“.
Полицијата утрово беше на плоштадот откако градоначалникот на Атина Јоргос Каминис побара од министерот за јавен ред Никос Дендиас силите за спроведување на законите да интервенираат и да ја спречат партијата да го одржи настанот.
„Златна зора“ вчера најави дека денеска планира да подели храна пред Парламентот во пресрет на Велигден.
Каминис истакна дека добротворниот настан не е легален и нема дозвола за одржување.
Тој нагласи дека нема да дозволи да се одржи настан што поттикнува омраза. „Златна зора“ и минатата година одржа сличен настан на Синтагма каде на луѓето им беа барани лични карти пред да им се даде храна со цел неофашистите да бидат сигурни дека мигрантите нема да добијат ништо.