Општина Центар им забрани на кучињата да лаат

 

Жителите на Општина Центар ќе треба да се збогуваат со домашните животни, живината или пчелите кои ги чувале по дворовите, бидејќи Центар со одлука на Советото забрани да се одгледува крупна или ситна стока.

Освен за стоката, Центар ги заостри правилата за чување кучиња по домовите. Ако живеете во зграда, а чувате куче, за тоа ќе треба да добиете согласност од мнозинството станари. Забрането е да се чуваат кучињата кои постојано лаат и завиваат, пишува Дневник. За чување остануваат гулабите, но, и за тоа има одредени правила.

- Се забранува чување секаков вид крупна и ситна стока, како што се коњи, маски, магариња, свињи, овци, говеда, живина (кокошки, гуски, мисирки, пајки) како и пчелни семејства. Исто така се забранува колење крупна и ситна стока и живина на јавните и сообраќајни површини, како и нивно терање и сместување во дворовите на станбени и на други објекти и места во Центар. Единствено е дозволено чување гулаби и тоа само во дворните места на куќите. По исклучок, со писмена согласност на станарите и урбаната заедница, може да се чуваат гулаби и во дворовите на зградите, стои во новата одлука за комунален ред, пренесува Дневник.

Одлуката предвидува, гулабарникот да биде изграден од погоден материјал, со бетонски под, да биде поврзан со канализацискиот систем и редовно да се чисти. Одгледувањето на гулаби не смее да го попречува нормалното живеење на соседите, а во спротивно, комуналниот инспектор може да го забрани одгледувањето гулаби или да го задолжи одгледувачот да го премести голубарникот, објавува Дневник.

На жителите на Центар им е дозволено да чуваат домашни, ловџиски и кучиња со педигре, како и мачки, птици итн, но, само ако тие се регистрирани во надлежна ветеринарна институција и да се редовно вакцинирани.

- Не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат. Сопствениците на кучињата и на другите миленици, треба да ги сместат и да ги чуваат така што животните нема да го попречуваат мирот и спокојството на соседите. Kучиња не смеат да се чуваат во станбени згради и во нивните дворови, освен ако сопственикот има писмена согласност од мнозинството станари, стои во одлуката

14.09.2013 - 21:09

најчитано сега