Пешевски: Нема потреба од формален договор со Косово - нашата мерка се укинува веднаш по нивната

 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска објасни дека не е потребно да се постигне формален договор со Косово за укинување на блокадата, бидејќи мерката која ја воведе Македонија е реакција на мерката од косовската страна. Пешевски истакна дека македонската мерка ќе престане да важи во моментот кога Косово ќе ја повлече нивната мерка.

Тој смета дека нема економска оправданост за оваа мерка и сеуште не се познати причините за нејзиното воведување. Според Пешевски, најдобрата помош за компаниите е да не се попушти под притисок.

-  Одговорен политичар и одговорна Влада не мисли за една недела однапред и еден месец, туку мисли многу подалеку. Треба да се создаде сценарио ваква состојба да не ни се повтори во иднина. Тоа значи дека некој пат треба да голтнете горчливо апче за да го решите проблемот. Апсолутно сме свесни. Тоа е следно прашање што ќе го разгледуваме понатаму дали можеме нешто да им помогнеме на овие компании. Но, најдобарата помош што можеме да им ја дадеме е да опстоиме на нашите приниципи како држава. Само тогаш праќаме вистинска порака кон сите оние што имаат трговски односи со нас дека Макеоднија е сериозен играч кој ги почитува меѓународните трговски правила и дека не може некој со ад хок мерки да не натера да постапуваме и потклекнуваме на таков притисок. Тоа е вистинската помош на компаниите. Доколку ние попуштиме под притисок секој во иднина ќе се обидува на сличен начин да реагира и тогаш компаниите ќе губат, рече вицепремиерот Владимир Пешевски, додавајќи оти се во комуникација со косовската страна.

13.09.2013 - 15:22

најчитано сега