Елаборатите за легализација двојно поевтини за социјално ранливите категории

 

Владата одлучи да ја намали цената на геодетски елаборати за бесправно изградени објекти за 50 проценти. Покрај корисниците на социјална парична помош, оваа поволност ќе можат да ја користат и лицата корисници на постојана парична помош, како и самохраните родители на деца со пречки во развојот.

- Со оваа мерка се предвидува намалување на цената на чинење на елаборатите за легализација на бесправно изградени објекти, делови на објект за 50 отсто и тоа- за објект од 50 м2 и за објект од 51 м2 до 150 м2, односно да се намали цената на чинење на елаборатот за бесправно изградени објекти на објекти од 50 м2 од 2.000 денари на 1.000 денари и да се намали цената за легализација од 51 до 150 м2 од 41 денар/м2 на 20 денари/м2, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој појасни дека за да можат да ја искористат оваа поволност граѓаните ќе треба да извадат потврда од центрите за социјални работи и да ги достават до геодетските фирми кои ќе им ги изготвуваат елаборатите.

- Верувам дека со оваа мерка значително ќе им помогнеме на граѓаните кои се соочуваат со проблеми за обезбедување средства за елаборати за легализација на бесправно изградените објекти во кои живеат, со што, исто така верувам, ќе се забраза процесот на легализација, рече Спасов.

Директорот на Агенцијата за катастар на Република Македонија Славче Трпески потсети дека сите елаборати за легализација на бесправно изградени објекти треба да бидат доставени до 18 јуни 2014 година.

- Има 149 геодетски фирми, а има над 200 илјади елаборати кои не се порачани. Со оваа мерка се надевам дека 30 до 40 илјади социјални случаи ќе си го остварат своето право и не треба да чекаат ниту ден, туку веднаш да ги извадат потврдите и да ги достават до геодетските фирми, рече тој.

Додаде дека нарачката на елаборатите граѓаните треба да ја направат што поскоро, и поради тоа што наскоро треба да почне и премер на подземјиот катастар во земјава.

- Тоа значи дека компаниите кои располагаат со ваква инфраструктура ќе треба да ги ангажираат геодетските фирми за премер на таа инфрструктура. Затоа апелирам сите кои имаат поднесено барање за легализација дали до општините или Министерството за транспорт и врски час поскоро да ги порачаат елеборатите за до 18 јуни да можат да бидат направени, рече Трпески.

Оваа мерка ќе стапи во сила од почетокот на наредната недела, по објавување на измените во службен весник на Република Македонија.

Социјално ранливите категории, за кои е наменета оваа мерка, треба да ги подигнат потврдите од центрите за социјална работа и да ги достават до геодетските фирми.

13.09.2013 - 14:05
Фото: 
миа

најчитано сега