ФОТО: Запознајте го супер-пензионерот од Прилеп кој на велосипед “набива“ и по 30 километри на ден

 

Секој ден сум на две тркала оти така ми се храни душата од панорамата на релацијата од триесетина километри во еден правец, вели 64-годишниот прилепски пензионер Талат Маџуни за весникот „Дневник“.

Талат ужива да врти на педалите низ Мариово и возењето велосипед е како негова дневна доза на храна. Тој вели дека празно ќе му е срцето ако не се качи на велосипедот, додавајќи дека благодарение на физичката активност, се чувствува здрав и изгледа 20тина години помлад. Последните десетина години Талат не вози само кон Мариово туку ја крстари и Македонија во должина и попреку, објавува Дневник. 

- Секој ден сум на две тркала, некогаш и по двапати на ден. Ја возам трасата оти е пријатна и безбедна, со слаб сообраќај. До мостот на Црна Река возам еден и пол час. Возев и додека работев во пиварницата. Првин наутро, на покуса релација од дваесетина километри, а после без гајле продолжував на работното место, вели 64 годишникот за Дневник.

Тој ги совладува височините на Мариово на пристоен, не скап велосипед. Седлото му е дотерано за подолги патишта, а деловите се заменети со брендот „Шимано“. Носи облека за заштита од дожд и велосипедски панталони. 

- Задоволство ми е возењето велосипед. Ако не појдам, се чувствувам папсан и ме боли главата. Зиме е посебно убаво кога градот е во магла и бркам ќеф во сончевиот сјај и во околната белина. По загубата на сопругата, ми се разминуваат мислите со возење. Ретко се одморам и возам без починка. Пијам вода пред манастирот „Писокал“ и пак продолжувам надолу или нагоре, зависи за враќање или на одење. Ако се дупне гума, носам резервна. Ја менувам за неколку минути и продолжувам. До мостот на Црна Река е 38 километри. Потаму до манастирот „Свети Илија“ е речиси 100 километри со враќање. Ги посетувам и селата Kрушевица, Чаниште, Дуње, Манастир, иако се отпат. Kај мостот земам здив со малку урми, црни сливи и суво грозје, вели Талат за весникот. 

Тој раскажува дека прегазил змии и смокови со 50-60 километри на час, но се плаши од лизгање на изметот од добиток. Талат тврди дека може и мижечки да вози и дека од превојот Слива може да слезе со врзани очи.

13.09.2013 - 12:06
Фото: 
Дневник

најчитано сега