Училиштето “Димитар Миладинов“ во Центар доби нов под
Во основното училиште „Димитар Миладинов“ во општина Центар променет е подот на 23 училници. Средствата се обезбедени од Европската команда на американската војска (EUCOM), проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието и Министерството за образование и наука.
На одбележувањето на крајот на реновирањето на училиштето присуствуваа министерот за образование и наука Спиро Ристовски, американскиот амбасадор Пол Волерс, генерал-мајор на Националната гарда на Вермонт Стивен Креј и градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.
Министерот Ристовски рече дека унапредувањето на квалитетот на образовниот систем е еден од приоритетите на Владата и на МОН.
- Оваа инвестиција овозможи подобрување на условите за реализација на наставата и за меѓуетничката интеграција во образовниот процес во училиштето. Во претстојниот период ќе следат многу активности, како дел од овој проект и преку нив, учениците меѓусебно уште подобро ќе се запознаваат, ќе ги запознаваат различностите, но и ќе научат да го почитуваат поинаквиот од нив. Тоа треба да претставува и еден вид охрабрување за родителите и во домашни услови да ги воспитуваат своите деца во таков дух, со што истовремено ќе им дадат голема поддршка на наставниците и училиштето, истакна Ристовски.
УСАИД, како што рече, многу пати досега покажа дека е искрен партнер за напредокот на нашата земја.
- Минатата година УСАИД и Европската команда на американската војска помогнаа во реновирање на 11 училишта во Македонија. ОУ „Димитар Миладинов“ е првото од 11-те училишта на кои ќе им помогнеме. Ние не работиме само на промена на подови и ѕидови, туку работиме на создавање на оптимална средина каде ќе можат да учат сите македонски деца, рече амбасадорот Волерс.
Генерал-мајор Креј истакна дека ја познаваат важноста на меѓуетничката интеграција во образованието на Република Македонија. Потсети дека од 2007 година досега се реновирани 30 училишта во Македонија, а се планира реновирање на уште 10 годинава.
Градоначалникот Жерновски потенцира дека нивната мисија е создавање одлични услови во кои ќе учат децата.
Основното училиште „Димитар Миладинов“ е основано во 1954 година.