Меѓународна конференција „ИКТ Иновации 2013" во Охрид
На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид од денеска до 15 септември ќе се одржува петтата меѓународна конференција „ИКТ Иновации 2013", на која ќе бидат промовирани резултати од научни истражувања.
На отворањето на конференцијата ќе се обрати министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски. Конференцијата ја организира асоцијацијата ИКТ-АКТ, која обединува универзитетски професори по информатика и компјутерско инженерство од Македонија, поддржана е од повеќето универзитети во земјава и е спонзорирана од поголем број меѓународни ИКТ-компании.
Главна тема на конференцијата оваа година се ИКТ-иновациите во образованието. Ќе бидат одржани девет сесии, шест работилници, пет комерцијални презентации и една панел-дискусија. Поканети се четворица предавачи од Обединетото Кралство, Шведска и од Србија.
На конференцијата ќе биде избран најдобар труд кој ќе биде објавен во меѓународно списание со импакт-фактор.
Оваа конференција е единствена меѓународна од областа на техничките науки која редовно се одржува во Македонија. Зборникот на трудови од конференцијата се печати од познатата издавачка куќа „Спрингер“.
Програмскиот одбор на конференцијата, кој е составен од 222 академски професори од 52 земји, за годинашниот зборник избра 25 најдобри трудови од 85 пријавени на автори од 17 земји.