Орав загрижен за ситуацијата помеѓу Македонија и Косово
Амбасадорот Аиво Орав денеска на средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети ја изразил загриженоста на Европската Унија за ситуацијата помеѓу Македонија и Косово по меѓусебните блокади, а се интересирал и за посетата на Ахмети на Атина и за домашните политички случувања.
Во партиското соопштение се наведува дека на средбата што се одржала во седиштето на партијата на ДУИ во Тетово, Ахмети го известил Орав дека утре во Македонија ќе дојде косовскиот вицепремиер Хајредин Кучи за да разговара со македонските власти за надминување на блокадите.
Ахмети, според соопштението, синоќа и денеска разговарал со заменик премиерот на Косово Хајредин Кучи со кого се согласиле дека оваа ситуација треба да се надмине што е можно побргу и да се нормализира пазарот, како и движењето на луѓето и стоката.
На средбите во Атина, како што информирал Ахмети, Грција покажала готовност да и помогне на Македонија да се интегрира во НАТО и ЕУ, но само ако се реши спорот со името помеѓу двете земји.
- Секое одлагање на решението има последици по земјава и регионот затоа што секоја стагнација носи регрес и неизвесност, рекол Ахмети и апелирал до Брисел за да се ангажира уште повеќе затоа што Македонија се наоѓа пред избор од два пата, интеграција во НАТО и ЕУ или изолација.
Според Ахмети, меѓународната заедница треба да се ангажира заеднички со нас во зачувување на вредностите постигнати заедно затоа што тие се загрозуваат ако не се интегрираме во НАТО и ЕУ.
Тој го поздравил постигнувањето на договор околу анкетната комисија за декемвриските настани.
Соговорниците исто така зборувале и околу прашањата поврзани со слободата на медиумите, владеењето на правото, корупцијата, и слично.