Божиновска: Нови закони за енергетска ефикасност и обновливи извори до септември
Усвојувањето на законите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија се клучни за наредните чекори во напредокот на Македонија кон декарбонизација и предизвиците што ги носи овој процес, посочи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
-Ние сме во последните чекори од донесување на Законот за енергетска ефикасност и Законот за обновливи извори. Што значи дека кога ќе ги донесеме овие два закони, до септември очекувам, ќе имаме јасен план и што понатаму. Меѓутоа, подзаконските акти темелно се работат, ќе треба од 9 до 12-15 месеци да се изработат сите, бидејќи тоа е за целиот енергетски сектор. Така што, работиме на тоа, не е нешто што може да го планираме за недела-две, изјави таа по отворањето на Македонскиот енергетски форум – MEF25 денеска во Скопје.
Дополни дека во моментов се работи на планот за три проценти од јавните институции да станат енергетски ефикасни, што е дел од реформската агенда.
-Во моментов го изработуваме планот, мора три проценти од јавните институции да ги направиме енергетски ефикасни. Мислам дека до септември - октомври ќе го имаме тој план и ќе знаеме кои ќе влезат во тие три проценти, рече таа.
За растот на цената на нафтата имајќи ги предвид геополитичките случувања, министерката истакна дека се следи состојбата.
-Сите војни и геополитички настани имаат влијание. Ќе ја следиме состојбата, но се надевам дека нема да има поголеми промени во цените, рече таа.
Што се однесува до енергетските задруги, министерката информираше дека ќе бидат регулирани по пример од Германија и Франција, а тоа, како што рече, ќе биде уредено со подзаконските акти на кои што се работи.
-Се надевам дека до септември ќе има јасно дефинирано кој што може и кои ќе бидат условите, рече таа.
Во врска со поготвеноста на Македонија за CBAM регулативата, министерката истакна дека веќе се работи на тоа.
-Поголемите македонски компании веќе имаат луѓе кои работат на тоа, бидејќи за тоа некој треба да ги пресметува бројките. Соработуваме со нашата царина, таму имаат некој што ова го изработува. Работиме на спојување на пазарите и ако ова се случи, тие што ќе бидат произведени и затоа воведовме гаранција за потекло, тие што ќе произведуваат во процесот ќе има производство од зелена и обновлива енергија нема да спаѓа во таа такса, рече таа.
Министерката најави повеќе информации по министерскиот состанок во јули во Грција, но, истакна дека не е потврдено дали ќе започне од 1.1.2026 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа