Кирил и Методиј се Бугари, словенската азбука е бугарска - уште еден анти-македонски скандал го потресе Брисел
Во Брисел продолжуваат бугарските провокации кон Република Македонија и македонската историја и потекло,
Откако минатата недела бугарска дипломатка на работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан побара негативна препорака во прогрес-извештајот за нашата земја, а изминативе месеци кружи бугарски “нон-пејпер” документ низ ЕУ-институциите каде се вели дека македонската нација е вештачка и дека нејзината историја и јазик се фалсификувани, деновиве во Европската комисија се одржува изложба организирана од бугарската комесарка Кристалина Георгиева, каде овојпат е на мета македонската историја и азбука.
На се уште актуелната изложба со наслов „Свети Кирил и Методиј и бугарската азбука“, која се одржува во официјалната зграда на Комисијата, „Берлемонт“, а посветена на 1.150-годишнината од Моравската мисија на светите солунски браќа, кои се претставени како Бугари, додека словенската азбука како извадок од старо-бугарскиот јазик. Иако е еврокомесар за хуманитарна помош и одговор на кризи, Бугарката Георгиева застанала зад оваа изложба направена со помош на Институтот за литература при Бугарската академија на науките и на Националната библиотека „Свети Кирил и Методиј“ од Софија. Таа пред шест месеци организираше претставување на балканските народни танци познати како „оро“, каде исто така, покрај сите земји од балканскиот регион, Македонија не беше спомената.
Георгиева има право како дел од неформалната Влада на Унијата да делува на овој начин, но зад ваква провокаторска и негаторска изложба, таа не смеела да го злоупотреби своето место во Комисијата и да застане во промоција на анти-македонската политика на официјална Софија, посебно злоупотребувајќи ја комисиската зграда што се наоѓа во срцето на Брисел.
Меѓу спорните наводи во оваа изложба се цитира извесен грчки професор Јанис Карајанопулос, чија област е византиската историја, според кого „државата на Цар Самуил била целосно опфатена од Бугари по род!“. Па, така на еден од постерите пишува дека „Охрид е бугарска територија, претставен како дел од територијата на Цар Самуил, исто и Битола со тврдината како дел од бугарското царство“.
Од канцеларијата на бугарската еврокомесарка Кристалина Георгиева, која стои зад оваа изложба во Европската комисија, велат дека таа не ја организирала, туку дека ја прифатила поканата од организаторите само да биде патрон, а тоа според нив е „Бугарската меморијална фондација“.
- Ова е вообичаена пракса од страна на комесарите и во тоа својство тие немаат одговорност за содржината на изложбата, ниту, пак, да вршат влијание, коментира Дејвид Шерок, портпарол на Георгиева.
Од друга страна, пак, од таборот на комесарката за мултилингвизам Андрула Василиу, воопшто не сакаа да коментираат дали како на заштитници на мултилингвизмот, дозволиле во Комисијата изложба на која целосно се извртува вистината за потеклото и корените на словенскиот јазик, како на еден од најстарите јазици во Европа.
Што се однесува, пак, до официјалната бугарска политика во Брисел, провокациите не престануваат и нејасно е како Софија очекува потпишување на договор за добрососедство со Македонија, откако само годинава се направија илјадници провокации, со директен атак на македонскиот идентитет, нација и јазик од нивна страна.