„Културна меморија“ во Скопје

 

Од денеска до 7 септември во Скопје ќе се одржи првата меѓународна конференција „Културна меморија“. Конференцијата е организирана Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС), кој беше формиран минатата година од професори и млад кадар, главно од универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ во Штип и самостојни истражувачи.

Тридневната научната конференција свечено ќе биде отворена денеска во 9 часот во Кристалната сала на хотел „Континентал“. На конференцијата ќе се обрати заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ.

Најавени се околу 370 учесници од 49 земји од светот - универзитетски професори, научници, магистри и докторанти, а од нив околу шеесет се од Македонија. Ќе има претставници од 250 универзитети од четири континенти. Ќе се работи во осум сали, на три јазици и има 14 панели. 

На конференцијата ќе се дискутира за поврзаноста на културната меморија со идентитетот, политиките, местото, просторот, уметноста и медиумите.

Според организаторот, конференцијата ја промовира Македонија и Скопје во едно пристојно место на научната карта на Европа и светот. Целта на оваа конференција е да ја промовира Македонија и Скопје, како место кое може да организира настани од европско ниво. Оф-програма предвидува посета на Старата скопска чаршија, манастирите од околината на Скопје, Охрид, проследено со професионални водичи и со раскажување на македонската приказна на гостите.

Центарот за култура и културолошки студии има мисија да ги обедини сите креативци во Македонија и да развие меѓународна соработка со вмрежување и поврзување со установи  од културата надвор од земјава.

Како проект на ЦККС е развиена Балканска мрежа за култура и културолошки студии, основана од неколку истражувачи од балканските земји со цел Балканот да се вклучи во европски и светски организации. Центарот, во соработка со книгоиздателството МИА-АН, го објавува списанието Култура/Culture, кое има меѓународен издавачки одбор и излегува на англиски јазик.

05.09.2013 - 09:02

најчитано сега