Ристовски и Захариев во инспекција на училиштето во „Македонка“
Министерот за образовние и наука Спиро Ристовски и градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев денеска го посетија подрачното училиште во населбата „Македонка“.
Ристовски беше информиран за текот на реконструкцијата на ова основно училиште, во кое се едуцираат околу 70 деца од населбите Железничка, Балканска и Чардаклија.
Според раководителот на Секторот за јавни дејности и ЛЕР при општина Штип, Ване Маневски, реконструкцијата е во завршна фаза.
- Согласно договорот, градежната фирма треба да ја заврши реконструкцијата на училиштето до октомври и според она што се работи може да се каже дека реновирањето е во завршна фаза. Средствата за реконструкцијата ги обезбеди Министерството за образование, изјави Маневски.
Додека се одвиваат градежните работи во училиштето, учениците од понеделник ќе ја следат наставата во подрачното училиште во населбата Три чешми, а општината ќе организира превоз за нив.