Во Охриското Езеро запливаа 100.000 млади пастрмки

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски денеска во Охрид присуствуваше на порибувањето на Охридското Езеро со подмладок од ендемичниот вид охридска пастрмка.

Во водите на езерото беа испуштени сто илјади парчиња подмладок пастрмка од годинaшниот мрест, девет месеци од оплодувањето на икрата и шест месеци старост, со просечна тежина од 2 и 2,5 грама и должина меѓу шест и осум милиметри.

- Станува збор за редовна активност согласно Законот за рибарство и аквакултура, со кои државата е задолжена за порибување на рибиловните води врз основа на риболовната основа изготвена од надлежните институции. Во тој процес на порибување од 2006 година досега езерото е порибено со околу 14 милиони единки подмладок пастрмка за што се вложени средства во износ од околу 35 милиони денари, рече Димовски.

За оваа година тој појасни дека се предвидени приближно 2,1 милиони единки подмладок охридска пастрмка, активност што ќе биде заокружена до крајот на идниот месец.

Во насока на поголема заштита на рибниот фонд, од оваа година за Охридското Езеро е избран концесионер, кој покрај правата има и соодветни обврски.

- Обврска на концесионерот е да се грижи за езерото, рибниот фонд, особено за бројноста и староста на рибата. Државата пак има обврска во соработка со овластените институции по пат на вештачки мрест да изврши порибување на македонската страна од езерото, појасни министерот Димовски.

Тој нагласи дека паралелно со активностите што се спроведуваат во таа насока од страна на властите на Република Македонија, такви порибувања се вршат и на албанска страна.

- Врз основа на разговорите на ресорните министерства, интензивирана комуникација, соработката е поставена на плодна основа, очекуваме и договарање на координирано порибување на езерото, како и поголема контрола на изловот на риба, додаде Димовски.

Ристе Танасоски, сопственик на фирмата „Пастрмка 2012“ што стопанисува со Охридското Езеро, истакна дека од преземањето на концесијата со рибниот фонд рибокрадството на езерото на македонска страна е намалено за најмалку 90 проценти.

- Сметаме дека со ваква интензивна физичка заштита на езерото спроведена од рибочуварската служба на „Пастрмка 2012“ во соработка со сите чинители надлежни за процесот, ќе го зголемиот рибниот фонд на охридската пастрмка во Охридското Езеро“, истакна Танасоски.

Процесот на вештачки мрест на пастрмката во Охридското Езеро за првпат беше спроведен  во сезоната за зимски мрест во 1934/35 година, истовремено со основањето на Хидробиолошката станица во Охрид и нејзините мрестилишни инсталации. За таа намена подоцна беа основани уште две мрестилишта, во 1960 година кај Шум во струшко и кај Тушемиште во Република Албанија. Од 2004 година вештачкиот мрест на охридска пастрмка за порибување на албанска страна се врши во мрестилиштето кај селото Лин. 

31.08.2013 - 13:09

најчитано сега