Лазаров со моќна порака пред стартот на ЕП
Македонската ракометна репрезентација без селекторот Раул Гонзалес го имаше официјалниот собир пред стартот на Европското првенство.
Капитенот Кире Лазаров смета дека треба да му се даде големо значење на ова ЕП.
-Ќе повторам некои работи што секогаш ги повторуваме, но тоа е реалната слика. Ова е можеби поспецифично натпреварување, со оглед на тоа дека се игра во Хрватска, блиску до Македонија, треба да му се даде поголемо значење, ќе имаме голем број навивачи што ќе дојдат да ни дадат поддршка. Јас како и секогаш ќе бидам оптимист, иако е прерано да се зборува бидејќи ова е само почеток на подготвителниот период. Треба да си посакаме да имаме многу среќа и здравје од самиот почеток на овие подготовки и да останеме здрави до стартот на ЕП. Што се однесува до самото ЕП и до нашата репрезентација, имаме спој на младост и на искуство, во овој период тоа е најдоброто за нас, ние нашето искуство ќе го пренесеме врз помладите, тие ќе ни помогнат со својата свежина и енергија, за сите заедно да се обидеме да оствариме добар резултат. Свесни сме сите, и вие и ние дека нема да биде лесно, дека ЕП е поквалитетно од СП, дека системот на натпреварување е тој што е, се игра на секои два дена и мораме да бидеме максимално подготвени, како на физички, така и на психолошки и тактички план. Севкупно гледано имаме ракометари кои играат во одлична форма, ракометари кои се дел од силни клубови, што не беше случај како порано, кога поголем дел доаѓаа од Металург. Специфично е што овој период е пред Нова Година, пред празници, не е лесно да се биде професионалец, да дадеме жртви и сите заедно да пробаме да направиме добар резултат, изјави Лазаров.
Капитенот предупредува дека мора да се одигра максимално против секој противник и вели дека може да ја победиме Германија, а на пример да изгубиме од Словенија.
-Секој натпревар е различен натпревар, ние така и ќе се поставиме без разлика дали во претходниот меч сме славеле или сме изгубиле. Мое лично мислење како долгогодишен репрезентативец и како капитен е дека Македонија може да се носи со секој противник. Се надевам дека ова ќе биде долго првенство, ќе ја оствариме првата и основна цел, односно пласман во следната фаза, а потоа да бидеме максимално фокусирани и однапред со ниту една репрезентација да не се предадеме. Без разлика дали играме со Германија, Данска или Шпанија, мислам дека можеме било кого да изненадиме, нема зошто да се плашиме. Ние сме искусна репрезентација што има поминато многу, се надевам тоа ќе ни биде предност за да се обидеме да одиграме квалитетно првенство. Ние поискусните не тррба да дозволиме помладите да ги зафаќа ниту еуфорија, ниту депресија. Како ќе доаѓа ЕП, така притисокот ќе биде поголем, но имаме квалитетни репрезентативци, квалитетно раководство, претседател, тренер и ако секоја индивидуа го даде максимумот, добриот резултат на крајот нема да изостане, заврши капитенот.
Македонија е во група со Германија, Словенија и Црна Гора, а настапот на ЕП го започнува против селекцијата предводена од Вујовиќ на 13 јануари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа