Ѓорѓиев: Владата будно ги следи состојбите во економијата
Владата и натаму посветено ги следи состојбите во економијата, секогаш е подготвена да му помогне на стопанството, континуирано комуницира со бизнисот, дијалогот и консултациите за подобрување на состојбите продолжуваат.
Како што рече денеска портпаролот Александар Ѓорѓиев, вицепремиерите Пешевски и Ставрески се во постојан контакт со компаниите, вклучително и со претставниците на металуршката индустрија, редовно имаат состаноци и разменуваат мислења.
- Постои дијалог и добра соработка. Сме покажале дека знаеме да излеземе во пресрет на потребите на стопанството. Очекуваме идниот период, ако во заедничка консултација потпретседателите на Владата Пешевски и Ставрески кои се во постојан контакт со компаниите проценат, да разгледуваме и конкретно да информираме за одредени состојби, истакна Ѓорѓиев, одговорајќи на новинарско прашање.
Оценувајќи ги како позитивен сигнал последните статистички податоци за раст на индустриското производство, Ѓорѓиев нагласи дека се очекуваат подобри денови за македонската економија која како и сите други во светот трпеше последици од глобалната и европската должничка криза.
- Македонската економија многу зависи од економиите на земјите членки на ЕУ и регионот кои исто така се поврзани со трговската соработка со ЕУ. Со подобрување на можностите во рамки на европската економија и со владината поддршка што континуирана му се дава на стопанството, очекуваме подобри денови, рече владиниот портпарол.