Дарио Ивановски го собори националниот рекорд
Дваесетодишниот Дарио Ивановски, член на АК Работнички од Скопје, е новиот сениорски рекордер на Македонија во дисциплината 3.000 метри, откако на атлетскиот митинг во Нови Сад во понеделникот се го освои 1-то место на трката на 3.000 метри со резултат од 8:17:92 што представува нов сениорски рекорд на Македонија.
-Бев речиси сигурен дека ќе го соборам мојот личен рекорд на ова растојание, но не и дека ќе поставам нов државен рекорд. Бев навистина изненаден. Но, се наоѓам во извонредна форма и верувам дека ќе продолжам во ист стил и на наредните натпреварувања, изјави Ивановски по трката во Војводина.
Претходниот рекорд изнесуваше 8:18:70 и беше во сопственост на македонската атлетска легенда Јонуз Јонузи, а поставен во 1992 година. Ова е трет национален сениорски рекорд на Дарио Ивановски по рекордот во сала на 3.000 метри и рекордот на отворено на 1.000 метри.
Дарио е еден од најголемите таленти кои се појавија на атлетската сцена во Македонија, а има само 20 години. Да потсетиме, оваа година Дарио беше победник на Белградскиот и Скопскиот полумаратон, а исто така е и државен првак во повеќе атлетски дисципини.
-Работевме цели два месециаза овој натпревар. Пеколните тренинзи и перформансите кои претходни ги демонстрираше гарантираа добар резултат. Го погодивме вистинскиот тајминг, па тоа даде резултат. Штета што Дарио немаше вистинска конкуренција на трката, можеби ќе беше и подобар за три до четири секунди. Сепак и ова е неверојатно постигнување, рече неговиот тренер Игор Јакимовски, инаку познат наш маратонец.
Со поголема помош од спонозрите и институциите очекуваме дека Дарио ќе оствари уште поголеми успеси во годините кои доаѓаат, а една од најголемите цели и желби на Дарио за следниот период е учество на Олимписките игри во Токио во 2020 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа