Која група најмногу ќе му одговара на Вардар? Од најатрактивната до најлесната група за нашиот шампион
Вардар оствари историски успех. За првпат една македонска екипа ќе игра во групната фаза од едно европско натпреварување. Македонскиот шампион дојде до овој подвиг откако направи вистинско чудо во плеј-офот од Лигата на Европа, совладувајќи го великанот Фенербахче со вкупни 4:1.
„Црвено-црните“ синоќа го замолкнаа Истанбул, откако по втор пат го победија „балканскиот Реал Мадрид“ со 2:1 на гостински терен. Вардарци со тоа на најдобар можен начин го трасираа патот во групната фаза од Лигата на Европа.
Денеска од 13:00 часот ќе се одржи ждрепката за групната фаза, па Вардар во Монако ќе ги исчекува своите противници, а УЕФА уште синоќа ги објави шеширите за составот на 12-те групи во најмасовното клупско натпреварување во Европа.
Вардар, согласно коефициентот, се најде во последниот шешир, а има можност да игра со екипи како Арсенал, Лион, Милан, Лацио, Евертон, Марсеј, Реал Сосиедад, Хофенхајм…
Она што е најважно, Вардар нема да може да игра против турскиот вицешампион Башакшехир, што можеби е и штета, со оглед на нашата традиција со турските тимови, потоа тускиот куп шампион Коњаспор, АЕК Атина, Скендербеу, Црвена Звезда, Славија Прага…
Од првиот шешир Вардар би можел да го добие Арсенал, Зенит, Лион, Динамо Киев, Виљареал, Атлетик Билбао, Лацио, Милан, Викторија Плзењ, РБ Салцбург, Копенхаген или Брага.
Од вториот шешир – ФЦСБ (Стеауа), Лудогорец, БАТЕ, Евертон, Јанг Бојс, Марсеј, Реал Сосиедад, Макаби Тел Авив, Локомотив Москва, Австрија Виена, Херта или Ница.
Од третиот – Астана, Партизан, Хофенхајм, Келн, Ријека, Виторија Гимараеш, Аталанта, Зулте Варегем, Зорја, Розенборг, Шериф Тираспол, Хапоел Бир Шева.
Кога ќе се погледнат шеширите, може да се претпостави која група за Вардар би била најповолна, која би била најтешка и најатрактивна, но и неатрактивна, а сепак со силни противници.
Вардар може да се падне во две исклучително атрактивни екипи. Ако се гледа од финансиски аспект, за Вардар најдобро би било да биде во група со Арсенал, Марсеј и Аталанта или со Милан, Евертон и Хофенхајм. Јасно, овие клубови ќе привлечат најмногу внимание и Вардар би можел да има голем приход од ТВ правата.
Ако се гледа која група би можела да биде најнеатрактивна, но сепак исклучителна тешка, тогаш тоа би била група со Динамо Киев, Херта и Астана, или Салцбург, Реал Сосиедад и Розенборг.
Веројатно најповолна група за Вардар, ако веќе нема да добијат атрактивни противници, е да бидат во група со стариот должник Копенхаген, против кој покажаа дека можат да играат, потоа Лудогорец и Шериф Тираспол, противници со кои Вардар може да се надигрува, или пак „балканска“ група, во која покрај некој од носителите и фаворитите во групата, повторно би биле со Лудогорец, но и Партизан или Ријека.
Во исчекување на ждрепката, споделете ги своите очекувања. Вардар од 13:00 часот ќе ги дознае своите противници
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа