„Имаме деца дома и од ова ги храниме“ - Општина Центар ги остави пазарџиите на цедило

 

Пазарџиите кои продаваат стари предмети ги преселија своите тезги покрај улицата „Самоилова“ близу Американската амбасада, откако, Општина Центар ги исели од дивиот пазар под Кале. Сега наместо да им најде нова локација, Општина Центар ја префрла топката на Град Скопје, пишува Курир.

Пазарџиите за Курир најавуваат дека ќе останат покрај „Самоилова“ додека општина Центар не им најде нов простор. 

-Од општина Центар се оградуваат. Велат дека тие ја завршиле својата обврска за расчистување на просторот кој беше претворен во дива депонија, а наоѓањето решение за легален пазар на стари работи е во надлежност на Градот Скопје, пишува Курир.

-Комуналните инспектори од општина Центар да си ја довршат работата. Општината не го реши овој проблем, туку го направи поголем и сега бара помош од Градот, изјавиле од Град Скопје за Курир.

Пазарџиите за Курир изјавиле дека се подготвени да плаќаат и влез за пазар и да стават фискални каси само за да можат да продаваат, бидејќи од таму го вадат лебот. 

- Тука сме за парче леб. Се што продаваме е од канта и ваков пазар има низ цела Европа. Ние немаме друга егзистенција освен од ваквиот пазар. Ние имаме деца дома, имаме изнемоштени лица дома и од ова зависиме. Не крадеме, не ја оштетуваме државата, немаме други придонеси и помош и ние само си го бараме нашето право, велат пазарџиите.

Курир пренесува дека пазарџиите се пожалиле дека нивните проблеми започнале откако Жерновски застанал на чело на Општината.

 

 

најчитано сега