Почнуваат уписите на државните универзитети - еве колку слободни места ги чекаат идните студенти
На петте јавни универзитети во Македонија оваа недела ќе почне пријавувањето за запишување во прва година во академската 2013/2014 година. Слободни се вкупно 25.624 места, од кои за редовни во државната квота 15.063, за редовни во квотата со кофинансирање на студиите 7.411 и за вонредни студенти 3.150 места.
Најмногу слободни места (10.351) има на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, а од нив за редовни во државна квота 6.122, за редовни со кофинансирање 3.154 и за вонредни 1.075 места.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола има 4.160 места за идни студенти (2.520 за редовни во државна квота, 1.110 за редовни со кофинансирање и 530 за вонредни). На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид има 400 места, од кои 200 во државна квота и по 100 за кофинансирање и за вонредни.
На овие три државни универзитети првото пријавување на кандидатите е во четврток и петок (15-ти и 16 август), а тие што ќе го пропуштат овој рок, следниот е на 3-ти и 4 септември, а третиот рок на 17 септември.
Првиот уписен рок на Државниот универзитет во Тетово е од 19-ти до 23 август и слободни се 5.630 места (3.260 за редовни во државна квота, 1.920 за редовни со кофинансирање и 450 за вонредни студенти). Вториот рок на ДУТ е од 3-ти до 6 септември, а третиот од 17-ти до 21 септември.
На Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип слободни места има за 5.083 идни студенти (2.961 за редовни во државна квота, 1.127 во квота за редовни со кофинансирање и 995 за вонредни). На овој универзитет првиот рок за пријавување кандидати ќе почне утре и ќе трае до 15 август. Вториот рок на УГД е на 29-ти и 30 август, а третиот рок на 13 септември.
За редовните во државната квота годишната партиципација е 200 евра, а за тие што ќе си ги кофинансираат студиите, цената за една студиска година е 400 евра, иако има и пониски цени со одлука на самите факултети. На пример, Природно-математичкиот факултет на ДУТ нема да наплаќа партиципација за наставните насоки на студиските програми по математика, физика, хемија, биологија, географија и информатика.
Кадарот од природно-математичките и од техничките науки е дефицитарен и затоа министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција ги повика кандидатите да размислат за нив зашто ќе имаат повеќе можности за работа по дипломирањето.
- Профилот на студенти кои завршуваат на овие факултети во моментов е дефицитарен на пазарот на трудот, а станува збор за струки коишто се актуелни и барани од компаниите кои веќе работат или ќе почнат да работат во земјата. Затоа упатувам апел до идните студенти сериозно да размислат на кој факултет и на која студиска програма ќе го продолжат своето образование, истакна Ристовски.
Како и во минатите години, цената на дисперзираните студиски програми е 100 евра годишно. Нивниот број останува непроменет, а не е исклучено ако има потреба да се отворат нови. Тој нагласи дека достапноста на високото образвание во општините го зголемил бројот на студенти, посочувајќи дека во минатата студиска година (2012/2013) на јавните универзитети биле запишани 17.803 студенти, наспроти 12.307 во 2005/2006.
Засега нема изгледи да се оствари иницијативата за поместување на првиот рок за упис на универзитетите од следната година - во јуни наместо во август, што е врзано и со поместување на роковите за државната матура.
- Сега не би можел да дадам конкретен одговор дали дефинитивно ќе бидат поместени, но во следнава година планираме извесни реформи во државната матура, па со оглед на таа реформа и евентуално нејзината имплементација, дополнително ќе утврдиме дали ќе се полага порано државната матура, а како резултат на тоа да се овозможи поран упис во академска година, одговори Ристовски.
ФОТО: Факултети.мк