Хамас разгледува американски предлози за прекин на огнот во Газа
Палестинската исламистичка групација Хамас соопшти дека преку посредници добила „неколку идеи“ од САД за постигнување договор за прекин на огнот во Појасот Газа.
САД, Катар и Египет се посредници во индиректните преговори меѓу Израел и Хамас.
Во изјавата се наведува дека со посредниците се разговара за можностите за развој на тие идеи, но без детали за нивната содржина.
Хамас повтори дека е подготвен да преговара за ослободување на сите израелски заложници во замена за „јасно прогласување крај на војната“ и целосно повлекување на израелските сили од Газа.
Синоќа, американскиот претседател Доналд Трамп издаде „последно предупредување“ до Хамас да ги прифати условите.
„Сите сакаат заложниците да се врат дома. Сите сакаат овој воен конфликт да заврши!“, напиша Трамп на својата социјална платформа „Трут соушл“ во неделата. „Израелците ги прифатија моите услови. Сега е време и Хамас да ги прифати“, додаде тој, без да прецизира што точно има на ум.
„Јас веќе ги предупредив од Хамас за последиците доколку не ги прифатат (условите). Ова е моето последно предупредување, нема да има друго!“, додаде Трамп.
Според израелски извори, во Појасот Газа сè уште има 48 заложници, од кои се верува дека 20 се живи.
Израелската телевизија Н12 објави дека новиот предлог на Трамп предвидува ослободување на преостанатите израелски заложници во првиот ден од примирјето, во замена за ослободување на илјадници палестински затвореници во Израел. Во текот на примирјето би се преговарало за трајно завршување на војната.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа