Ставревски: Даноците ќе останат ниски - плаќањата редовни

 

Македонската економија веќе има знаци на закрепнување, индустриското производство расте, градежништвото оди традиционално добро во текот на овие години, извозот e исто така позитивен. Сето ова, заедно со интензивирањето на реализацијата на неколку крупни капитални проекти до крајот на 2013-та финансирани во форма на јавни инвестиции, ќе помогне да се реализира предвидениот раст од најмалку два процента, оценува вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој во синоќешниот разговор за МТВ напомена дека се очекува економијата и натаму да остане во позитивната зона.

Според Ставрески, Буџетот во целина ќе ги сервисира сите свои обврски, со помали и поголеми проблеми. Со ликвидноста добро стои, нема ниту еден месец проблем со редовноста на исплатата.Пензионерите ги добиваат пензиите првата недела во месецот и субвенциите се исплатија навреме, некои порано од вообичаено за да им се помогне на земјоделците да ги добијат средствата во текот на сезоната кога им се најпотребни.

- Редовни сме во плаќањата и по основ на поврат на ДДВ и по основ на плаќања на фактурите со фирмите со кои што работиме. Тие, пак, имаат свои подизведувачи, помали фирми со кои работат и така, тој ланец на ликвидност на пари што се пуштаат од буџетот се пренесува во стопанството и во економијата, тоа помага да се ублажат ефектите од европската криза, потенцира министерот.

Една активна Влада, додаде, во вакви околности секогаш мора да размислува како да му помага на стопанството.

- Ние, пред се, ќе опстоиме на политиката да не ги зголемуваме даноците што е значајно, повторувам, бидејќи сите овие земји што претходно ги спомнав и многу други европски земји најлесното што им е на располагање, да ги зголемат даноците, да го префрлат товарот на стопанството и на граѓаните, го направија. Кај нас ќе останат ниски даноците, редовно ќе се вршат плаќањата, но ќе има и дополнителни мерки онака како што дозволуваат условите во буџетот или како што има можност одредена работа да се реализира, рече вицепремиерот.

Македонија, посочи, релативно подобро се справува со предизвиците од другите земји.

- Бугарија има се уште стотици милиони евра невратени кон стопанството, Македонија тој проблем го реши, се раздолживме и сега сме редовни во плаќањата. Словенија изгуби 90 илјади работни места во текот на овие неколку години, кај нас се создадоа над 90 илјади работни места, Хрватска пет години по ред е во рецесија, Македонија само две години во текот на кризата имаше  минимална негативна стапка во сите други години имаме позитивна стапка. Србија неодамна кажаа самите дека избегнале банкрот, во БиХ пензиите не може да се исплатат. Сите овие работи се случуваат во регонот, кај нас ниту една од овие негаитивни работи не се случи и тоа покажува дека сепак нешто добро се работи во делот и на буџетот, но и во вкупните економски реформи, нагласи Ставрески.

Тој оцени дека домаќинско работење и помогна на државата да изнајде решенија во однос на последиците од кризата.

- Секогаш наоѓаме решенија во тие околности во коишто сме. Се надеваме дека следанта година ќе биде подобра и дека ќе можеме да продолжиме со политиките на зголемување пензии, социјални надоместоци, субвенции, плати,..., рече министерот. 

За следниот период, соопшти, се размислува за мерки што ќе помогнат и во делот на ликвидноста и во делот на финансиската дисциплина посебно во дисциплината меѓу наплаќањата на обврските и од буџетот кон стопанството, но и меѓу стопанството, со цел да се заштитат подобро оние фирми што се кредитори, односно фирмите кои должат поредовно да им ги плаќаат обврските на фирмите кои што побаруваат.

ФОТО: Влада.мк

најчитано сега