Македонец ги облекува Наоми Кемпбел, Синди Крафорд, Шон Конери - прочитајте ја приказната на овој успешен скопјанец

Изет Цури, кој детството го поминал низ скопските постземјотресни маала, а потоа ги облекол најпознатите светски актери како Шон Конери, Изабела Аџани, Жерар Депардје, Кристофер Ламберт, за Вечер ја раскажува својата животна приказна.

 Цури ја започнал својата кариера како скопски чирак кај мајсторите Благоја Ангелковски и Цале, а откако го научил занаетот, заминал за Париз и таму изградил блескава кариера во модниот бизнис. Во Македонија е дојден како дел од тимот кој работи на долгометражниот филм "Враќање" во режија на Кастриот Абдили. Тој за Вечер вели дека ова му е прв пат да се ангажира во Македонија. Негова желба е во земјава да отвори школа за дизајн како дел од најстарата школа за мода во светот, ЕСМОД, каде работел како професор.

 

-Заминав од Македонија како занаетлија. Отидов со знаење од генијални мајстори. Едниот е Благоја Ангелковски, а другиот Цале. И тие ме тераа да одам во Франција. Таму ги потрошив сите пари и не можев да се вратам, па од амбасадата ми најдоа работа, вели тој. 

Тој раскажува за своите почетоци во Франција.

-Кога отидов во Франција ме финансираше фирмата Хермес која има 250 години традиција. Тогаш се славеше празник на модата во Франција, и така го запознав Муглер. Кога ми покажа цртежи, видов дека имаме ист сенс. Сметам дека тој е најголемиот авангардист. Потоа отидов да работам кај него. Останав 12 години. Бев прв човек на технички план, а тој прв човек на креативен план. Алаја, пак, го запознав кај Муглер. Еве и ден-денес соработувам со Алаја. Тие ми даваат цртежи, а јас ги работам моделите. На Готје, пак, јас му помогнав да ја направи првата ревија со висока мода. Можев да останам со него, но ми понуди договор каде нема да го има моето име на производите па не прифатив. Знаете, да беше Благоја Ангелковски во Франција, ќе беше поголем и од Алаја, вели Цури за Вечер.

Тој вели дека рабптел со негови големи идоли.

-Се импресионирав кога првпат го облеков Шон Конери. Тој е многу лесен за соработка. Вели - "јас сум тука, прави што сакаш". Но и неговата сопруга се меша во одлуките. Конери игра голф, па му направив и панталони за голф. Му направив и два смокинга, и кога ги носеше и обата, доби награди. Големите ѕвезди често се лесни за облекување, вели Цури. Тој вели дека Изабела Аџани му било тешко да ја облече. „Таа е тешка како личност. Сите ме прашуваат како можев да бидам пријател со неа триесетина години. Но, таа е перфекционист. Може да те повика и дење, но и ноќе. Има и други случки. Конери, еднаш, дојде два-три часа порано, за да види како работам. Со Депардје немав проблеми. Имав малку проблеми со Кристофер Ламберт, затоа што тој се облекува малку поспортски. Тие луѓе имаат респект кон мајсторите, креаторите.“ 

Тој раскажува дека работел со сите познати манекенки, но, на него најсилен впечаток му оставиле Наоми Кемпбел и Синди Крафорд

-Сега нема веќе манекенки како што беа Синди Крафорд или Наоми Кемпбел, чија, пак, прва ревија беше со Алаја. Тој, инаку, мисли дека модните ревии се демоде. Знаете, јас мислам дека не постои веќе мода. Постои стил. Затоа што сега имаме можност да се облечеме како што сакаме., вели Цури за Вечер.

ФОТО: Вечер

најчитано сега