Грчки медиуми: Самарас "лета од среќа" по средбите во САД
Денеска кај грчките медиуми главна тема е посетата на грчкиот премиер Андонис Самарас на САД. Медиумите истакнуваат дека Самарас е „многу среќен“ со резултатите од неговите средби во Њујорк и Вашингтон.
- На средбата со генералниот секретар на ОН разговаравме за различни прашања кои, би кажал, се од глобално значење и познати прашања што ја засегаат Грција. Имавме многу плодна дискусија и ова беше можност да му ги објаснам на генералниот секретар грчките ставови и мислења, ја пренесуваат медиумите изјавата на Самарас по средбата со Бан Ки Мун.
„То Вима“, „Елефтеротипија“ и другите грчки весници и електронски медиуми, засега само го пренесуваат коментарот на Самарас дека е „многу задоволен“ од средбите во Америка.
- Како што кажа премиерот, понекогаш тоа е соседство со предизвици, и Грција може да игра важна стабилизирачка и партнерска улога како што ние се справуваме со прашања на Блискиот Исток и Северна Африка, ја пренесува „Катимерини“ изјавата на Обама.
Самарас предложил Грција да биде домаќин на следната рунда прелиминарни мировни разговори меѓу израелските и палестинските претставници.
Инаку, Самарас на прашања одговараше само на грчките новинари, а кога новинар на МИА му постави прашање за спорот со името, се сврте и си замина од зградата на ОН во Њујорк.
ФОТО: Дневник