По враќањето на Јохан Тарчуловски здруженијата на бранителите најавија обединување

 

По враќањето на Јохан Тарчуловски во земјава, здруженијата на бранители од конфликтот во 2001 година најавуваат обединување со цел да си ги остварат сите барања.

- Нашето здружение најмногу се залага за обединување на сите здруженија. Ние сме во коалиција со осум здруженија од Република Македонија каде се и Прилепските бранители, бранителите од Куманово, Велес и други. Сега сме обединети со доаѓањето на нашиот херој Јохан Тарчуловски, со цел да ги оствариме нашите право од 2001 година, зашто сепак, веруваме во Јохан. Здруженијата ќе се обединат со единствена цел да ги оствариме правата, изјави Виде Димитриевски од Здружението на бранители од Гостивар и член на претседателството на Здружението „Бедем“.

На новинарско прашање дали се задоволни од оствраувањето на нивните права, Ристо Ѓорѓиев, резервен старешина од Прилеп и член на здружението Прилепски бранители, одговори дека е тешко да се каже во овој момент, но оти државата презема мерки и активности да се реши ова прашање. - Ние се надеваме дека оваа Влада е патриотски расположена кон своите бранители и дека во текот на наредниот период ќе ги преземе потребните мерки и активности да го реши ова горливо прашање за сите припадници на бебезбедносните сили на Република Македонија, бидејќи тие беа единствена сила, ги оставија своите најблиски, жени, деца, мајки и татковци и отидоа да ја бранат својата татковина, нејзиниот суверенитет и интегритет. Тоа што се случи на загинатите можеше да им се случи и на овие живите бранители, рече Ѓорѓиев.

 - Во секоја војна херои има живи, ранети и загинати. Затоа и овој дел заслужува внимание, барем за елементарните прашања. Не се додели ниту едно одликување, пофалба за овие бранители. Да ја браниш својата земја е нешто најскапоцено, а утре немаат што да им кажат на своите деца, истакна Ѓорѓиев.

Со полагање цвеќе на спомен-обележјето и армиски почести во Касарната Илинден и на споменикот во Волково денеска беше одбележана годишнината од загинувањето на бранителите на Љуботенски Бачила од 2001 година.

На 10 август 2001 година воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски бачила нагази на две противтенсковски мини. Притоа животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.

Јохан Тарчуловски беше осуден на 12 годишна казна затвор во 2005 година од страна на Хашкиот трибунал. 

ФОТО: Сител

13:23

најчитано сега