Еве кој ќе ја забавува вечерва публиката на "Охридско лето"
Триесеттиот ден од фестивалот „Охридско лето“ предвидува две содржини кои по својот квалитет и уметничка вредност секако заслужуваат внимание. Во кадетралната црква „Света Софија“ целовечерен концерт на Камерниот оркестар „Ермитаж“ со настап на солистите Александар Гиндин на пијано, Илја Норштејн на виолина, Андреј Бурков – виола и Ана Устјужанина на виолончело, а нешто подоцна и отворање на изложба на уникатен накит на македонски авторки.
Ансамблот на солисти „Ермитаж“ го сочинуваат млади талентирани музичари кои во 2000 година се обединиле околу познатиот обоист Алексеј Уткин. Во 2012 г. уметнички директор на ансамблот станува истакнатиот пијанист, „Заслужен уметник на Русија“ Александар Гиндин. Успехот на „Ермитаж“ може да се објасни со младоста на изведувачите, високото ниво на нивното мајсторство и одбраниот репертоар. Секој од учесниците има сопствена богата уметничка кариера, учествувајќи на меѓународните натпревари и фестивали и остварувајќи солистички концерти во Русија и надвор.
Во репертоарот на „Ермитаж“ се делата на композиторите од различни епохи: Бах, Хендл, Телеман, Моцарт, Шостакович, Прокофјев, Пјацола. Исто така, ансамблот изведува музика создадена специјално за неговите концерти, која е на границите на музичките стилови, комбинирајќи ги џезот, фејт и етно-правците. „Ермитаж“ изведува и литературно-музички перформанси со делата од А.С. Пушкин, Н.В. Гогољ, Ф.И. Тјутчев.
Ансамблот соработува со ѕвездите на руската и светската сцена: Дмитриј Хворостовски, Елена Образцова, Давид Дениелс, Љубов Казарновскаја, Николај Петров, Игор Бутман, Михаил и Андреј Иванови, Валериј Гроховски, Александар Филипенко, Михаил Козаков и многу други. „Ермитаж“ редовно остварува турнеи во Русија и Европа, учествувајќи на фестивалите во Летонија, Турција, Полска, Франција, Германија, Шпанија и други земји.
На програмата на вечерашниот концерт се дела на Корели, Вивалди, К. Ф. Е. Бах, Хајдн, Бах.
Во невообичаен термин од 22:22 часот во Куќата на Уранија вечерва во рамки на „Охридско лето“ ќе биде отворена и изложбата на современ накит, насловена „Во синило те намамив“. Станува збор за заедничко претставување на најновите ракотворби на Јана Ацевска, Билјана Клекачкоска, Дафина Џепароска и Марта Пејоска, обединети во нивните дела во кои апстрактно се огледуваат сите бои на Охрид, градот што го нарекуваат балкански и европски Ерусалим.
Јана Ацевска е основач и сопственик на студиото за дизајн и изработка на накит „Капка“ каде што графичкиот дизајн се претвора во парче современ накит. „Капка“ ги претвора различните материјали во носечка уметност во најразлични форми.
Билјана Клекачкоска е дизајнер на накит која главно работи во филигранска техника, но со современ авторски пристап. Изложувала и надвор од Македонија, а неколкупати е наградувана за дизајн.
Дафина Џепароска со накит се занимава од 2010 година. По успешните учества на работилниците за современ накит, организирани од страна на Министерството за култура на Република Македонија, на тема „Скопје ултрамодерен град“ своите дела ги презентира и надвор од Македонија.
Марта Пејоска е млад архитект кој својата архитектонска приказна ја раскажува на еден модерен и концептуален начин, моделирајќи го секојдневниот контекст и инспирација во парчиња накит. Во 2010 година го наследува уметничкото ателје на нејзиниот татко, Живко Пејоски, во Охрид и ја наследува неговата работа, додавајќи еден нов аспект и развивајќи еден сопствен, уникатен уметнички израз преку различни парчиња накит.
ФОТО: Скопјеинфо