1318
Изборната кампања е во полн ек. Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и „Планот за живот на СДСМ„ се достапни до секој граѓанин. Секој заинтересиран за иднината на земјата може да прочита, да види која партија што нуди, и што ветува. Ако внимателно се разгледаат понудите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ веднаш паѓа во очи огромната разлика во квалитет што оди во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Првата општа констатација е дека двете партии се дефинитивно два различни политички света, две структури кои немаат ниту една допирна точка по која може да почне процесот на споредување. Паѓа во очи дијаметрално различната сериозност и посветеност кон она што го пишуваат и што им го нудат на граѓаните, различните пристапи, различното ниво на одговорност, и темелност во решавањето на проблемите на граѓаните. И не случајно изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ е насловена со „Реално“, додека изборните ветувања на СДСМ, со „План“. Реалното е видливо од првата до последната страница од изборната програма, Планот е збир на формални точки без програмска содржина.
Во време на избори, кога партијата бара мандат од граѓаните да биде власт во наредните четири години многу е важен првиот впечаток што програмата ја остава меѓу гласачите. Не е сеедно дали на терен ќе се истрча со сеопфатна, детална и реална изборна програма, или со нафрлени, раштркани и конфузни плански ветувања без ред и концепт.
Првиот впечаток е најважниот момент за градењето меѓусебна доверба. Еве, замислете дека сте решиле да купите дом. Прво одите во една агенција каде се изгледа запустено, валкано, без доволно светло, без доволно информации што точно агенцијата продава, а што издава, наидувате на хаотичен персонал кој само што се отрезнил од синоќешната пијанка, наидувате на хаотична понуда во која не се знае која е цената, што добивате за цената, што е обврска на агенцијата, што е ваша обврска. Непријатното чувство во стомакот вели бегај од тука додека е време. Така?
Патот потоа ве носи до друга агенција каде на неколку метри од пред службениот влез ве дочекува убаво напишана табла, влегувате од убава порта, го забележувате чистиот и светол влез, пријатната музика, убавата миризба во просториите, топлината на просториите. Ве дочекува професионален тим работници кои прво внимателно ве сослушуваат кои се вашите потреби, што конкретно сакате да купите, потоа ви нудат прегледна и средена брошура со понуди од најскапите до најевтините, со детален опис на сите објекти, станови, со сите информации што ве интересираат. Објаснети ви се сите детали. Прашањето што сега следи е на која од овие две агенции ќе и дадете доверба да посредува во купување на вашиот дом?
Слично на примеров е и прашањето што во овој изборен период треба да си го постави секој од нас. Кој политичар и која партија ја заслужува мојата доверба да ја води Република Македонија во наредниот четиригодишен период? Груевски и ВМРО-ДПМНЕ или Заев и СДСМ?
Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ја бараат нашата доверба за реализирање на нови и квалитетно разработени вкупно 1318 проекти од 17 различни области. Бројот на проектите е тешко да се изброи, а камоли да се прочита се она што е напишано за секој од нив поодделно. Ваква детална, сериозна и обмислена програма со филигранска прецизност немам видено до сега барем во последните 15 години од кога професионално и аналитички се занимавам со политичките партии. Секој од тие 1318 проекта содржи детален опис на секој елемент од проектот, содржи детална дескрипција на постојната состојба, што ново партијата планира да направи, да изгради, да купи, да санира, колку средства ќе чини инвестицијата, во кој рок партијата планира да финишира секој започнат проект. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ зрачи со сигурност, темелност, деталност, предвидливост, сериозност, аналитичност, визија. Убедливо најголем број проекти во програмата се однесуваат на инфраструктурата и изградбата на нови регионални патишта, национални автопати и експресни патишта, натамошно сериозно инвестирање во железничкиот сообраќај, авиосообраќајот. Вкупно 215 проекти се однесуваат на оваа област што практично значи дека во наредните четири години Република Македонија ќе доживее вистински инфраструктурен бум.
Втората по број на проекти област, која во програмата е насловена како „Земја на еднакви можности за сите“, содржи вкупно 167 нови проекти посветени за подобрување на стандардот на пензионерите, социјално ранливите категории на граѓани, заштита на инвалидните лица, грижа за најмладите преку капитално вложување во изградба на уште нови градинки, посебна грижа и нови поволности за децата кои растат без родители, воведување неплатено родителско отсуство за таткото, заштита на ромите, исклучително добри проекти поврзани со пазарот на трудот и пазарот на трудот за млади лица, и слично.
Вкупно 102 проекта се однесуваат на областа „Економија со висок и одржлив раст“, каде акцентот е ставен на рестартирањето на пропаднатите стопански капацитети-жртви на транзицијата во Куманово, Скопје, Тетово, и други градови, отворање на рурални развојни зони со многу големи поволности за нивно започнување, нови станбени поволности, ослободување од плаќање давачки и намалени даноци за одредени категории граѓани, ново унапредување на можностите за започнување сопствен бизнис, генерално подобрување на условите за започнување нов бизнис, пакет реформски мерки за малите и средни претпријатија и друго. И областа „Поквалитетен живот за сите“ содржи вкупно 107 проекти посветени на нови, капитални инвестиции во областа на културата, изградба на нови театри, поддршка на филмското творештво, заштита на културното наследство, потоа следи областа „Здравје во секој дом, здравје за секој граѓанин“ со вкупно 89 проекти, од кои најважни се капиталните инвестиции во изградба или реновирање на многу јавни здравствени објекти и комплекси, продолжување на процесот за набавка на нова и најсовремена медицинска опрема, натамошно доедуцирање на здравствениот персонал во јавното здравство итн. Следат и проекти од областа на информатичката технологија и реформа на јавната администрација, проекти поврзани со професионализацијата на МВР, туризмот, младите и спортот, енергетскиот сектор, животната средина, образованието, одбраната и сигурноста, децентрализацијата и регионалниот развој, правда, безбедност и слобода.
ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ја понуди својата до сега најголема и најдобра изборна програма кога било промовирана во земјата, но и пошироко. Квалитетно политичко четиво детално објаснето на 516 страници со одлична систематизираност, идеолошка поставеност, и грижа за секој еден граѓанин во земјата. Оваа програма е програма за секој граѓанин на Република Македонија. Никој не е заборавен, никој не е помалку третиран од тоа што е потребно. Програмата „Реално“ зрачи со позитивна енергија, бидејќи со секоја свртена страница се чувствува граѓанската енергија и флуид. Се чувствува атмосферата и посветеноста со која е пишувана, се чувствува тимскиот елан и грижа, се чувствува професионалноста на секој што директно или индиректно е вграден во програмата.
Од друга страна, „Планот за живот во Македонија“ на СДСМ е веќе виден политички памфлет кој, како и сите до сега, е напишан во есеистички стил, премногу дескриптивно за партиска изборна програма. За разлика од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ која содржи 1318 конкретни проекти, планот на СДСМ содржи многу точки и наслови, содржи многу фрази и констатации во форма на идни ветувања кои најголем дел се реалност во државата. Типичен пример за таквите веќе постојни практики во земјата, а кои се изборни ветувања на СДСМ, е на пример регистерот на државната и на јавната администрација кој постои во РМ веќе две години, наградувањето на вработените во јавниот сектор, администрацијата партнер со бизнис секторот, јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите, сето она што е содржано во делот за човековите права и слободи. Сето понудено веќе постои во македонскиот систем. Смешно и неодговорно за партија која претендира да дојде на власт да тврди дека во РМ има тортура, дека има политички затвореници, дека граѓаните немаат човеково достоинство, дека немаат слобода. СДСМ треба да погледне малку околу себе, и да се преиспита што се измисли, што се исценира, и што се избербати во државата во која тврди дека нема слобода. Дали му фали влакно од главата на Заев, дали и фали локна на г-ѓата Шеќеринска, дали му фали нешто на Шилегов во државата во која владее терор и режим, како што велат сдсовците? Слобода во РМ има премногу. Можеби тука е проблемот, сдсмовска елито!
Тврдите дека ќе воведете европски стандарди за заштита на пресумпцијата на невиност, а со истите не сте ја запознале вашата партиска испостава СЈО. Кога ќе ви почнат обуките за тие европски стандарди наменети за Катица Јанева, Ленче Ристовска, Фатиме Фетаи? Велите Македонија ќе биде земја без дискриминација. На која дискриминација вие се жалите? Дали ветувате дека ќе го заштитите обичниот граѓанин кој се повеќе се чувствува дискриминирано од вашето дивеење по социјалните мрежи, институциите, улиците, кафеаните, плоштадите? Дали конечно ќе им ставите узда на вашите подземни ликови кои немаат проблем да уценуваат, рекетираат, тепаат за вашите партиски измишљотини? Дали ќе ја вратите состојбата на недискриминација на Македонецот која постоеше пред донесувањето на вашиот Закон за територијална поделба на РМ кога етничкото не беше доминантен критериум за поседување на права, туку Уставот на земјата? Велите ќе воведите некакви претпоставувам нови гаранции за слободата на изразување. Ако ги воведувате вашите цензорски и тоталитарни правила кои се веќе применети во т.н. привремена комисија за следење на медиумите, и во вашите медиумски порталски и телевизиски експоненти навистина тешко нам, тешко и се пишува на нашата слобода на изразување во која владее партиската цензура од најгнасен вид. Пишувате дека ќе ја деполитизирате полицијата. Претпоставувам по моделот на Оливер Спасовски кој беше ангажиран да каже како тоа ќе го направите. Тешко нам со новите „неполитизирани“ кадри во полицијата кои Оливер ги унапреди скокајќи цели 12 нивоа, трансферирајќи незаконски обични полицајци во раководни лица во МВР. Тешко нам со „непартизираните“ Алфи кои Оливер си ги собра од улица, и од затвор и им даде овластувања да бидат локали шерифи и главни бандити на улица. Незаконски. Ветувате вистинска борба против криминалот. Добро е прво да почнете од врвот на партијата надолу за да им покажете на граѓаните дека сте сериозни во намерата. Вака изгледате патетични. Велите ќе го заплените криминално стекнатиот имот. Супер. Прво да почнете од криминално стекантиот имот на Заев и неговото пошироко семејство. Велите ќе ја намалите стапката на сиромаштија под 16% до 2020 година, и дека ќе обезбедите егзистенција за сите стечајци. Велите, „во првите 100 дена од мандатот, ќе донесеме закон со којшто ќе бидат финансиски обезбедени сите стечајни работници“. Да не е трагично, ќе е комично. Партијата што го направи најголемиот стечаен бунар во државата, партијата што ја направи најголемата сиромаштија во земјата, што ги остави на милост и немилост семејствата на над 200.000 работници во државата поради катастрофалните приватизациски политики, партијата која остави без работа и без егзистенција повеќе од 300.000 луѓе ако се земат предвид и членовите на потесното семејство на секој отпуштен работник, сега после 15 години им нуди гола егзистенција на стечајците и спас за сиромашните? Перверзно. Велите домот е право, не е привилегија. Точно. Пред да ветувате акции кои веќе постојат на терен, подобро ќе беше да прошетате по градовите низ Република Македонија да видите како се спроведува вистинска грижа за секој граѓанин на терен. Колку нови градинки се изградени, колку нови старски домови има, на кое ниво е социјалната заштита. Ветувате стапка на невработеност пониска од 20% во 2020 година. Веројатно мислите да се надоврзете на трендот на вработување што ВМРО-ДПМНЕ го направи во овие десет години, и што стапката на невработеност ја симна на рекордни 24% од вашите, наследени 38%.Навистина е лицемерно СДСМ да зборува за намалување на стапката на невработеност. Паметните партии молчат или се кријат во некоја подлабока дупка кога ветуваат мерки за проблеми кои им се етикета партиски срам за навек. Истото се однесува и на мерката сопствен бизнис. Со кое лице СДСМ зборува дека ќе ги помогне граѓаните да отворат сопствен бизнис кога оваа партија е олицетворение на уништена бизнис климата, партизирана бизнис елита, и криминално приватизирана држава. Најкомично од се е што СДСМ зборува за привлекување странски инвестиции.
Делот за инфраструктурниот развој и изградбата на патишта е врв на циркусот на СДСМ. Се споменуваат патни правци кои се веќе изградени, или се во завршна фаза на реализација, се зборува за развој на железничкиот сообраќај...СДСМ зборува за развој на железницата,ц,ц,ц, СДСМ зборува за евтина електрична енергија, веројатно мислат дека за парите што ќе ги платите заедно со сметката ќе ви биде ставено и по едно бомбонче во плик. СДСМ зборува за грижа на земјоделците и за сигурни и навремени земјоделски субвенции. СДСМ пишува: „Ќе овозможиме секој млад човек да добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од четири месеци по завршување на школувањето. Со ова овозможуваме активност на секој млад човек, веднаш по завршувањето на високото образование и отвораме пат за нивен професионален развој“. Што тука е ново господа, што тука е партиска понуда? Што од сево ова младите го немаат денес во Република Македонија?
СДСМ има пет клучни ветувања ако дојде на власт. Прво, гарантирање на повисоки плати, односно ветување минимална плата од 12.000 денари уште во 2017 година, и просечна плата до 30.000 денари, или во семејство со двајца вработени, СДСМ ветува 1.000 евра. Второ, ветување дека домашните фирми ќе бидат финансиски поддржани со 140 милиони евра со што ќе се отворат нови работни места во земјата. Трето, ветување дека младите ќе работат во земјата, четврто, дека СДСМ ќе ги насочи сите пари кон граѓаните, дека ќе им помогнат на сиромашните, и петто, дека институциите ќе работат во служба на граѓаните, дека ќе има контрола над власта и правда за сите. Наместо прецизни и јасни параметри во новогодишните желби на СДСМ гледаме само голи фрази од типот „предвидовме“, „испланиравме“, „проценивме“ небаре партијава се подготвува да појде на пазар, а не да ветува државни политики.
Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа