Одморите го одложија извештајот за 24. декември
Продолжен рокот за усвојување на извештајот за настаните од 24-ти декември во Собранието што треба да го подготви ад хок комисијата. Според Дојче Веле, рокот е продолжен до 24. август поради отсуство на членови на Комисијата.
До 24 август е продолжен неформалниот рок за усогласување и усвојување на извештајот на Комисијата, која треба да ги расветли настаните кои се случија во Собранието на 24. декември минатата година, објавува Дојче веле повикувајќи се на информации од дипломатските кругови.
Досега како неформален рок беше утврден 14 август, но, дел од членовите се вратија, а дел штотуку заминаа на одмор, па таа веќе две недели не може да работи во полн состав. Надворешниот член на Комисијата, Белгиецот Петер Ванхоуте исто така е на одмор, па се очекува со неговото доаѓање составот да биде комплетен.
-Работата е одамна завршена. Прашањето е дали членовите на Комисијата ќе ги надминат тесно-партиските визури низ кои го гледаат извештајот и дали во интерес на приоритетите на земјата ќе демонстрираат волја да го затворат ова прашање на најдобар начин и да покажат дека креираат политики на дијалог и разбирање, велат за Дојче веле дипломатски извори кои ја познаваат работата на Комисијата.
Комисијата која треба да ги расветли собраниските настани, почна со работа кон средината на јуни годинава. Таа е составена оод по два членови од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а на чело на Комисијата застана деканот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски. Тој си даде оставка од позицијата претседател поради неможноста да се усогласат ставовите на партиските преставници околу дел од точките во извештајот.
ФОТО: А1ОН