Изложба на традиционални македонски носии и накит во Брисел

Синоќа во Брисел се отвори изложбата „Традиционални костими и накит од Македонија“ на која присуствува и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, оваа организација што деновиве продолжува е помогната од Фламанското министерство за надворешни работи на Белгија, а во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“, што Министерството за култура ја спроведува со Амбасадата на Република Македонија во Белгија.

- Презентацијата на македонската култура во Белгија и оваа изложба е од големо значење за нашата држава оти Брисел е срцето на цивилизациска Европа, а традиционалните носии и накитот се обележја на една нација и нејзината култура. Вредните артефакти пред вас се можност да ги збогатите своите сознанија за духовното и материјално наследство на македонската земја, истакна министерката Канческа-Милевска на отворањето на изложбата во фландриското МНР.

- Изложбата на овие традиционални македонски носии и накит ја отсликува духовноста и материјална вистина за историскиот континуитет на македонската земја, како и присуството на различните етноси и народи на македонската почва. Овие креативни творби што можете да ги погледнете се плод на големата љубов, труд и внимание на македонската жена, на нејзината сила и дух кој опстојувал низ вековите. Носиите се украсени со разновиден накит, скапоцени камења и седеф и боите на Македонија, додаде министерката Канческа-Милевска на отворањето на изложбата на која присуствуваа стотици заинтересирани посетители од Белгија и од дипломатскиот кор во Брисел на кои им беа презентирани 12 комплети традиционални народни носии и накит од различни краеви на земјава кои потекнуваат од крајот на 19 век и почетокот на 20 век.

Инаку, во рамките на оваа голема манифестација што ќе трае до 27 април, на белгиската културна јавност ќе и бидат презентирани македонските културни вредности како спој на традиционалното и современото, македонската фолклорна традиција и актуелната филмска уметност. Денеска, во Центарот за култура во бриселската општина Етербек ќе биде претставено духовното богатство на македонската фолклорна ризница во духот на женското пеење ќе го презентира музичкиот етносостав „Синтезис“. Притоа министерката Канческа-Милевска ќе оствари билатерална средба со министерката за култура на Фландрија, Жок Шувлиеж.  На оваа средба двете министерки ќе разговараат за интензивирање на соработката во областа на културата меѓу двете земји. Канческа-Милевска ќе се сретне и со градоначалникот на Брисел, Фреди Тјелеманс и со генералниот администратор на „Валонија Брисел интернационал“.

ФОТО:Влада 

 

најчитано сега