Диви и кажа збогум на репрезентацијата
Петар Ангелов и дефинитивно кажа збогум на репрезентативната кариера, обелоденувајќи дека повеќе нема да го носи дресот на националниот тим. По фејсбук-коментарите на неговата страница, Ангелов на денешната прес-конференција изрази жалење што на ваков начин, а не на терен да каже крај на прекрасната 20-годишна приказна во репрезентативниот дрес.
„Секогаш е тешко што мора да се откажеш од нешто што го сакаш, го почитуваш и цениш, но едноставно доаѓа и тој момент. Дресот на Македонија ми значеше буквално се, од моментот кога дебитирав за младинците, се до последниот квалификациски натпревар против Чешка. Енергијата која ја добивав кога ќе го обелечев дресот на репрезентацијата и желбата да дадам се од себе, придонесоа да ги натерам сите оние кои ја бодрат нашата репрезентација. Играв со големи играчи, ја делев соблекувалната со најголемите патриоти, луѓе на кои им се восхитував. За репрезентацијата жртвував се, и токму ова е вистинска прилика за да им се извинам на сите оние кои беа во заден план во национален тим. Најпрвин на мојата сопруга, бидејќи физички не бев присутен кога се родија моите ќерки близначки за време на мундијалот во Хрватска. Огромна благодарност и до публиката, која во сите овие години го скандираше моето име. Изградивме флуид, бевме како едно, ја кревавме енергијата во целиот тим, тоа се моменти за кои вреди да се живее и кои секогаш ќе бидат дел од моите сеќавања. Многу пати сум бил потценуван како играч, и покрај подобрата форма од одредени голмани, но секогаш сум молчел за доброто на репрезентацијата, за да не се наруши атмосферата“ – изјави Ангелов на денешната прес-конференција.
Тој обелодени дека и по мундијалот во Катар размислувал за завршување на репрезентативната кариера, но се премислил веднаш по разговорите со дел од соиграчите. Разочарувањето откако не се нашол на последниот список пред ЕП во Полска било големо, но Ангелов како голем спортист сепак им посака на своите долгогодишни колеги многу среќа на претстојниот квалификациски циклус.
„По завршувањето на СП во Катар, кој не помина како што очекувавме, размислував за повлекување, но по консултации со неколку играчи решив да продолжам за да помогнам да одиме на ОИ. Се беше во ред во квалификациите, се до списокот за ЕП во Полска. Нормално беше како голман на тимот четвртфиналист во ЛШ да се најдам на списокот, па нормално е да сум разочаран што нема да бидам ниту меѓу четирите најдобри голмани во Македонија на тој список. Им посакувам многу среќа на своите репрезентативни колега, од се срце сакам да стигнат до ОИ во Рио, но истовремено и жалам што нема да бидам таму за да им помогнам“ – истакнува Петар Ангелов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа