На почетокот на април стартува пролетната полусезона во Вардар Јуниор-лигата
ФК Вардар ја известува целокупната домашната фудбалска јавност, дека на 2 и 3 април, со натпреварите од турнирот кој е предвиден да се одржи во Скопје, ќе се одигра првото пролетно коло од вардаровата Јуниор лига.
Овој, засега единствен проект од вакви размери во македонскиот фудбал, има за цел да го поттикне интересот за фудбалот меѓу младите таленти низ цела Македонија, како и да им овозможи соодветни услови за резвој при изучувањето на тајните на фудбалската игра, под стручна закрила на најтрофејниот домашен клуб.
По петте есенски кола и успешно организираниот завршен турнир на стадионот во населбата Ѓорче Петров, каде што на околу 70 натпревари беа постигнати повеќе од 300 погодоци, нашите млади фудбалски „бисери“ и претстојнава пролет ќе имаат можнст да другаруваат, напредуваат и да го покажат нивниот раскошен потенцијал на фудбалските терени.
Покрај младите генерации на момчиња родени од 2002 до 2005 година, кои тренираат во соодветните возрасни категории од младинската школа на ФК Вардар, во Јуниор лигата се натпреваруваат и следните осум (8) екипи од регионалните единици низ целата Република:
- ФК Мал Ајакс - Вардар, Штип
- ФК Тотал Фудбал - Вардар, Ресен
- ФК Еврофудбал - Вардар, Охрид
- ФК Куманово Еуроспорт - Вардар, Куманово
- ФК Слога 1934 - Вардар, Виница
- ФК Спортефе - Вардар, Скопје
- ФК Форца - Вардар, Скопје
- ФК Валандово - Вардар, Валандово
Првите пролетни „плодови“ од несебично вложениот труд низ есенската полусезона, слободно може да кажеме дека се веќе видливи. До одигрување на завршниот есенски турнир, вкупно осум фудбалери од регионалните паралелки во Вардар Јуниор Лигата, беа регрутирани и регистрирани за соодветните младински категории на нашиот клуб. Конкретно, станува збор за следните млади и талентирани играчи:
- Виктор Петковски - ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2001);
- Александар Ѓорѓиевски - ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2000);
- Дамјан Ќосевски - ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2003);
- Филип Ѓорѓоски - ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2003);
- Мартин Ѓорѓиевски - ФК Еврофудбал-Вардар, Охрид (генерација 2002);
- Петар Гугуљанов - ФК Валандово-Вардар, Валандово (генерација 2002);
- Давид Денковски - ФК Еуроспорт-Вардар, Куманово (генерација 2000);
- Филип Антовски - ФК Еуроспорт-Вардар, Куманово (генерација 2000).
Во изминатиов период, исто така се остварени контакти во Јуниор Лигаат да учествуваат уште неколку екипи, од следниве градови: Неготино, Кавадарци, Велес, Пробиштип, Кочани, Прилеп и Скопје.
Според предвидениот натпреварувачки систем за пролетната полусезона, Вардар Јуниор лигата ќе биде поделена во две „А“ и „Б“ групи. Учество ќе земат вкупно дванаесет (12) екипи, со генерациите 2002, 2003, 2004 и 2005 година. Вкупно ќе се одиграат пет (5) кола од секоја група, со напомена дека еден викенд ќе играат генерациите 2002 и 2003, а наредниот момчињата родени во 2004, односно и 2005 година.
Екипите ќе бидат поделени во две групи (региони), во зависност од местоположбата на градовите, со што би се олеснило патувањето и би се намалиле трошоците за превоз на екипите. Во текот на натпреварувачката сезона, екипите ќе играат меѓусебе по турнирски систем, секоја недела во различен град, при што сите екипи од конкретните региони, ќе добијат можност да бидат домаќини на еден од турнирите.
На крајот, во месец јуни ќе биде организиран и летен камп, во рамките на кои ќе биде одржан и завршниот турнир, со учество на сите регионални единици. На овој камп ќе се одиграат финалните натпревари и ќе бидат прогласени конечните победници, во секоја од возрасните категории. Исто така, предвидено е да бидат доделени и индидвудуални награди за најдобриот стрелец, играч, голман, признание за фер-плеј и слично.
ФК Вардар како општествено одговорен клуб, искрено верува дека од Јуниор лигата ќе произлезат голем број на врвни фудбалери, кои во иднина со успех ќе гo носат дресот, не само на нашиот тим, туку и на фудбалската репрезентација на Македонија. Инвестирањето во нивниот фудбалски и телесен развој и понатаму останува наш врвен стратешки приоритет.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа