Убедливи 3-0 на Македонија во дуелот со Албанија
Тениската репрезентација на Македонија со максимални 3:0 ја совлада вечерва Албанија во дуелот од второто коло од групата Б од Третата Европска зона од Дејвис купот што се игра во Талин, Естонија. Фавористката улога нашите тенисери ја потврдија со тоа што во шестте одиграни сета три од нив завршија со 6:0 во гемови.
Најубедлив беше Томислав Јотовски, кој во двата сета на Генајд Шипеја не му дозволи да освои ниту еден гем. Во вториот сингл меч Димитар Грабул го совлада Флавио Дече со 7:6 (7:3) и 6:1. Во игра на двојки Јотовски и Горазд Србљак ги победија Шипеја и Арбер Сулстарова со 6:0 и 6:3 во гемови.
Во вториот дуел од групата Б Република Ирска ја победи Ерменија со 3-0.
Утре во дуелот за првото место во групата и со тоа пласман во полуфиналето Македонија ќе игра против Република Ирска. Двете селекции по двете кола имаат по две победи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа