Единствениот проект на СДСМ- државен удар

 

Политичката теорија многу прецизно ги има дефинирано различните форми на преземање на власта кои не можат да се поврзат со демократијата, а уште помалку со либерално-демократскиот уставен поредок. Овие недемократски форми на преземање на власта со заедничко име се нарекуваат политички удар. Притоа државниот удар е потесна форма на политички удар, кој е директно насочен против центарот на политичката моќ, против институциите што ги раководи власта.

Државниот удар најчесто го организираат одреден број лица кои инсталирани во институциите на системот и помагаат на опозицијата да ги спроведе потребните активности и мерки за активирање на ударот. Во најголем број случаи опозицијата е потпомогната и од лица вработени во безбедносните структури или тајните контраразузнавачки агенции на државата. Тие ~ даваат на опозицијата информации што таа ги користи за без директно учество на народот да направи упад и преземање на централната власт во земјата. Целта на групата што го предводи државниот удар е да формира нова политичка гарнитура, односно да направи смена во државната власт на земјата без соодветен и потребен изборен легитимитет.

Државниот удар се дефинира како насилен начин на преземање на власта. Притоа насилноста не секогаш значи употреба на репресија или оружје. Насилноста постои и тогаш кога по власта се посегнува надвор од она што е волја на граѓаните. Државниот удар се карактеризира со висок степен на организираност на релативно мал број луѓе кои се јавуваат како елитни извршители, кои без вклучување на народот имаат цел да ја преземат власта и да направат смена во врвот на државната политичка гарнитура и секако во пониските ешалони на власта. Државниот удар уште се дефинира и како револуција од горе или како дворска револуција. Одредени политички теоретичари го дефинираат државниот удар како вид конспирација, па дури и како нејзина највисока форма… иако многу попрецизно е да се одреди како збир на противуставни и противзаконски активности и дејствија насочени кон насилна смена на власта, отколку само како конспирација. Најважно од с` е што сите форми на политички удари се насочени кон насилно преземање на власта.

Можат да се набројат неколку примери на држави во кои преку државен удар е преземена централната власт. Државниот удар во Фиџи во 2006 година, во Мавританија 2008, на Тајланд во 2014 година, во Јемен 2014-2015 година итн. Од постарите државни удари познати се оној во Судан во 1989 година, во Уганда 1986, во Оман 1970, во Екваторска Гвинеја во 1979 година и слично. Суштината на сите државни удари е да се замени стариот тоталитарен или авторитарен систем со демократски вредности и правила на владеење.

Веројатно Република Македонија ќе остане забележана како уникатен пример на држава во која државниот удар и покрај многуте акции за насилна смена на актуелната власт нема да заврши со успех. Уникатноста на нашиот државен удар е во тоа што наместо да падне, актуелната власт уште повеќе ќе се засили, односно ќе добие најголема народна поддршка од кога било. Од овие причини се смета дека државниот удар во РМ ќе им се врати по глава единствено и само на креаторите на ударот бидејќи не предвиделе две клучни работи. Прво, дека власта на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски не е добиена на криминален и насилен начин како што цело време опозицијата сака да н` разубеди, и второ, народот го поддржува ВМРО-ДПМНЕ не затоа што е авторитарен или тоталитарен во своето владеење, туку затоа што ги слуша потребите на граѓаните. А партија што е во дослух со граѓаните никогаш не била авторитарна.

Оттука, сите обиди за смена на народната власт, онаа што им помага на граѓаните, остануваат нелегитимни и во обид, без конкретни резултати за кујните и готвачите што тие ни ги зготвија. Па, така, наместо државен удар против власта и против државата, во Република Македонија ќе се случи народен удар против опозицијата која се дрзна да го тормози народот, вештачки да му конструира кризи без никакви барања за тоа.

Република Македонија ја живее втората година од класичниот опозициски државен удар. Kога веднаш по затворањето на избирачките места на последните парламентарни и претседателски избори организирани на 27 април 2014 година лидерот на СДСМ излезе на прес-конференција и соопшти дека нема да ги признае изборните резултати поради сомневање дека тие се криминално добиени, се виде каде ќе се движи опозицијата и кој е патот по кој решила да чекори. Без ниту еден вложен приговор до ДИK и без ниту една поднесена жалба до Управниот суд, опозицијата го започна јуришничкиот поход против власта и против државата. Опозицијата ја започна својата „демократска“ кампања со антидемократски методи и средства.

Непризнавањето на изборните резултати го тераше селективно, односно не ги призна резултатите само на власта. Своите резултати убаво си ги награди најнапред со земање на сите буџетски средства што им следеа за покривање на изборните трошоци, а потоа и со земање девет плати на пратениците и покрај партиската одлука да ја бојкотираат работата на Собранието. Државниот удар започна со видеоснимката каде јасно се виде како лидерот на СДСМ го уценува претседателот на Владата на РМ да си поднесе оставка бидејќи во спротивност ќе почне со објавувањето на фамозните бомби. Посебно е интересен делот од говорот на Заев каде што тој гласно потврдува дека во заднината на целата оваа опозициска акција стои надворешен фактор.

Со оглед дека акцијата кај претседателот на Владата не беше успешна, Заев започна со акцијата бомбардирање. Иако СЈО с` уште не се изјаснува од каде е изворот на овие прислушувани материјали, судското признание на еден од осудените, каде што јасно е наведено за чии интереси и во чија полза биле снимани телефонските разговори и која е заднината на целата операција, целосно го расветлува случајот државен удар во РМ. Ако на тоа се надоврзат и неколкуте СМС-пораки и другата комуникација што се одвивала меѓу Заев и Верушевски за странската заштита на целата акција, како и подоцна откриената фабрика за афери, во која централна улога имаат лица членови на СДСМ кои требало да го подготват теренот за изборна смена на владејачката партија ако државниот удар не успее, тогаш нема никакво сомнение дека во Република Македонија се случува школски пример на обид за недемократска смена на власта од страна на СДСМ и неговите поддржувачи.

Во тој обид силна улога има идејата за целосно девалвирање на вредноста на сите институции во државата почнувајќи од Собранието, Владата, претседателот на републиката, јавното обвинителство, судството, а сега гледаме и Уставниот суд на земјата. Деградацијата и целосното рушење на авторитетот на постојните државни органи и на политичките институции е дел од пошироката слика за ставање на колена на државата Република Македонија, нејзино целосно компромитирање пред меѓународната јавност дека тука нема демократски институции, дека с` е корумпирано, дека с` е ставено под партиска контрола. Интересно е што овие фрази доаѓаат не само од СДСМ кој има директен интерес да ја смени власта и да ги преземе политичките полуги во системот, туку и од т.н. граѓански активисти платеници на СОРОС, кои ја чекаат својата шанса во процесот што СДСМ им го ветил – ќе ги уништиме институциите на ВМРО и ќе ве ставиме вас во нив. Или втората варијанта, ако не успееме да ги тргнеме целосно луѓето на ВМРО-ДПМНЕ, ќе градиме паралелни правни и политички институции што ќе играат по нашите правила.

Токму поради овие луди и ненормални идеи што н` носат успех никому во државата, потребно е енергично справување со внатрешните носители на проектот државен удар и без остаток казнување на сите што се инволвирани во него. Државниот удар мора да биде победен на правен начин, со механизмите што ~ стојат на располагање на Република Македонија. По големата политичка победа над силите на државниот удар и љубителите на политичките кризи, неопходна е и голема правна победа над налудничавите типови во земјата кои сериозно мислат дека на власт с` доаѓа одозгора без народната волја. Тоа мора да биде двојна победа против сите пакости, омраза и злоба што успеаја да ги излеат од своите души…

Тања Каракамишева- Јовановска за ДНЕВНИК

 
 
02.03.2016 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега