Транзициските џелати и џелатки зборуваат за правда и за право

 

Интересна е оваа македонска политика. Толку многу комедијанти собрани на едно место веројатно не можат да се најдат ниту во циркус, ниту во комедијанско кабаре. Толку многу оседени разгракани гаврани нема ниту во цела збирка приказни за неумни деца. Веројатно толку гаврани не можат да се пребројат и во Хичковите “Птици” заедно со од нив продуцираната мрша и желбата за облетување над неа.

Периодов во кој се наоѓа Република Македонија е навистина историски. Историски по суштината на политичките настани што ги доживеавме, и преживеавме, но историски и по начинот како се објаснуваат, поточно оправдуваат настаните што наликуваат на се само не на политика.

Како и да завртиш, во Република Македонија има една група политичари и политичарки кои се сеприсутни. Едноставно немаме дерман од нив. Најприсутни се кога е потребно да се филозофира и да се бистри политика. Никогаш тука кога треба да се сработи нешто, да се направи добро за барем еден човек во државата или кога треба да се изработи барем еден проект од национално значење. Но, затоа пак се секогаш тука да продаваат мрша на кило за свои гаврански цели. Самите фрлаат мрша, самите трчаат по неа. Зошто? Па заклучиле дека единствено во мршата им е спасот. Потребата да се накачат на барем уште една политичка функција до крајот на животот што им преостанал е голема. Поривот кон политиката и благодетите од неа е посилен од разумот кој несвесно им вели со што заслуживте уште едно политичко стрвење. Веројатно се свесни дека немаат никаква заслуга, но од друга страна, “културата” им вели создаден си да владееш, да се слуша твојот глас, но не заради авторитетот што го поседуваш, туку заради функцијата што ја носиш.

Најновото хорско гракање на седите гаврани и по некоја полуседа кон седа гавранка е дека во Македонија нема правда, нема право, нема Устав, нема закон. Во меѓувреме забораваат дека токму тие со своето гракање го оневозможуваат функционирањето на правната држава каде согласно Уставот институциите и државните органи треба да го имаат последниот збор за тоа што е право, а што неправо. Институциите и државните органи, а не напуштените и залутаните во просторот и времето гаврани треба да го водат поредокот, и треба да не чуваат од неправото што тие ни го сервираат за да се дограбат до уште една мрша. Како да заборавија овие транзициски џелати/џелатки што за нив, во времето кога тие ни продаваа памет, беше право и правда.

Епа да ги потсетиме. Накратко. Право и правда беше кога цистерни полни со нафта, а за широките маси наводно зејтин, транзитираа, море јуреа низ Република Македонија без никаква одговорност за дозволениот од политичката елита секојдневен шверц-комерц што ни се случуваше пред нашите очи, право и правда беше кога цутеше и другиот шверц, посебно оној со цигарите, нелегалната трговија со оружје, нелегалната градба на станови и уште покриминалната продажба на еден стан на сто луѓе, право и правда беа пирамидалните штедилници, партиското назначување на судии и на јавни обвинители во еден ден, во една ноќ, работа под директен партиски диктат на Уставниот суд, право и правда беше продажбата на ЕВН, право и правда беа до денес нерасчистените атентати на високи политички функционери во земјата, право и правда беше кога територијално ја обезличија Република Македонија, и уште многу други примери на практикување право и правда.

Седите гаврани се разгракани и заради еден друг момент. Дел од нив фатени живи како ја кодошеле државата за пари, дел од нив фатени живи во тешки криминали кои допрва ќе бидат процесуирани, бидејќи таквите криминали не застаруваат, дел од низ заради лечење на болната суета која никако да разбере дека е време за политичка и секаква друга пензија. Времето ви истече, драги наши гаврани, помирете се со тоа. Знам дека е тешко, ама првиот чекор кон сопственото излекување е признанието пред самите себе дека во животот, иако народот ви даде неколку шански, не успеавте да направивте ништо добро по што ќе останете запаметени. Не изградивте ниту еден мост, не направивте ниту еден автопат, не направивте ниту еден национален паметник, не издигнавте ниту една државна институција а сардисавте многу, не создадовте ниту едно дело по кое ќе останете запаметени, не оставивте ништо позади себе по кое сегашните и идни генерации ќе зборуваат за вас.

 

Времето ви истече, за среќа на нацијата, а вие бевте и натаму останувате да бидете едно големо НИШТО! Вистината е болна ама ѓаволски точна...

Проф. Др. Тања Каракамишева

 
 
01.03.2016 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега