Самарас одговори на писмото на Груевски: Нема потреба од средби

 

Стигна одговорот на грчкиот премиер Андонис Самарас на писмото што пред дваесетина дена му го испрати македонскиот премиер Никола Груевски, во кое тој побара директни и брзи средби меѓу двајцата премиери со нивни тимови за да се интензивираат преговорите за надминување на проблемот со името меѓу двете држави, објавува Дневник

Според весникот, во одговорот Самарас ги одбива средбите со македонската страна на највисоко ниво со образложение дека немало потреба од нив бидејќи Грција не била таа што ги блокира евроинтеграциите, туку самата ЕУ не дозволува Македонија да оди напред. 

„Тоа што изненадува, но и покажува дека некои македонски кругови ја постигнаа опструктивната цел, е што грчкиот премиер нагласил дека Грција не е таа што ја блокира Македонија на патот на нејзината евро-атлантска интеграција, туку дека самата ЕУ одлучува дека не треба да се оди напред поради увидени слабости и недостиг на напредок според критериумите за влез во Унијата. Препораките од ЕK и веќе заборавената покана од НАТО во 2008 година очигледно Самарас не ги зема предвид. Kако што дознаваме, во одговорот грчкиот премиер напишал оти смета дека тие доволно ни помогнале досега и дека сега ние сме на ред да направиме гест. Прашањето е како тоа да се направи кога не сака да се сретне со македонскиот тим? По ваквите зборови на Самарас се поставува и прашањето дали грчкиот премиер воопшто ги прочитал препораките од Европската комисија каде што се бара надминување на спорот со јужниот сосед како дел од добрососедската политика? Или станува збор за писмо со кое тој само ја покрива грчката стратешка одлука за блокада на Македонија по секоја цена?“ - пишува Дневник.

Како што пишува Дневник, писмото изобилува со арогантни пораки и ја нагласува комоцијата на официјална Атина во преговорите за спорот со името.

најчитано сега