Од декември директна авио линија Скопје - Берлин
Од декември македонските граѓани ќе може да летаат со авион директно до Берлин. Редовната линија ќе се воспостави од 20 декември од аеродромот Александар Велики два пати во неделата во понеделник и петок, а ќе ја опслужува „Флај Германија“, беше договорено денеска на состанокот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со претставници на германската авио компанија.
На средбата, како што информира Министерството за транспорт и врски, се разговараше и за можноста за воведување дополнителни дестинации до Хамбург, Штудгард и Франкфурт.
- Во Министерството за транспорт и врски сме цврсто убедени дека со воведувањето на новите авио линии, бројот на патници ќе биде дополнително зголемен, како и фреквенцијата на летови над македонскиот воздушен простор, стои во соопштението.