ФОТО: Ванчо Димовски се смири со Металург
Поранешниот капитен на Металург Ванчо Димовски денес е промовиран во спортски директор на клубот. Димовски ќе има специфични задачи и ќе биде врската меѓу екипата и раководството на клубот. Слична задача тој ќе има и во поглед на младите категори во Металург и во нашата Ракометна академија, информираат од клубот.
-Решивме да ја оставиме историјата зад нас, тоа што било – поминало. Ние бевме во постојана комуникација и кога се создадоа услови Ванчо да се врати, тоа одекна силно бидејќи значи само едно: дека Металург тргнува кон врвот, вели претседателот на Металург Левче Китевски.
-Димовски сега ќе пополни едно од клучните места кое традиционално го има спортскиот директор, а наскоро ќе имаме освежување и во тренерскиот состав, при што ќе ги ангажираме оние кои се докажани во работата со младите категории. Јас како претседател на клубот ги имам достигнато сите успеси овде со Димовски, како капитен и убеден сум дека повторно ќе имаме одлична соработка и ќе оствариме нови успеси, додаде Китевски.
Димовски исто така изрази задоволство од својата нова улога во клубот во кој мина многу години.
-Подолго време разговарав со раководството на мојот поранешен клуб и најдовме доста заеднички допирни точки. Се надевам дека ќе бидам од полза со својата нова улога во клубот и дека тоа ќе резултира со поголеми успеси на Металург, вели Димовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа