Кире Лазаров се огласи по вчерашниот натпревар
Многу слатка е радоста кога и со нерешен резултат се радуваш како да е победа. Така, овој успех против Србија и финалните 27:27 во Краков ни нудат пласман меѓу 12-те најдобри, најмалку уште три натпревари и сигурно место на носител во ждрепката за баражот за Мундијалот во Франција.
-Мислам дека одигравме квалитетен натпревар против една многу добра Србија. Тие уште пред да дојдат во Краков, добро нè анализираа и го знаат секој детаљ од нашата игра. Видовте дека оставаа да играме и шутираме преку крилните ракометари. Ние тоа го очекувавме, но во многу моменти бевме наивни и тоа беше причината што натпреварот влезе во многу драматична завршница. Ова реми има победнички сјај и мислам дека имаме уште муниција за втората фаза. Сега сме растеретени и ќе играме уште подобро, истакна капитенот Лазаров.
Македонија по вторпат последователно на големите приредби се радува против Србија, откако ја совлада во Белград во јануари 2012 година во групната фаза на десеттото Европското првенство. Подоцна Србите таму беа сребрени, а ние петти.
Извор: LazarovKiril7
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа