Разнишана атмосфера на Србите во пресрет на мечот со Македонија
Во пресрет на вечерашниот, клучен натпревар меѓу Македонија и Србија на Европското првенство, превирања во редовите на српската репрезентација.
Откако вториот голман на Србија, Славиша Ѓукановиќ поради недоразбирање со колегата Дарко Станиќ реши да ја напушти репрезентацијата, останатите ракометари и стручниот штаб го осудија овој потег на голманот.
„Славиша Ѓукановиќ повеќе не е член на ракометната репрезентација на Србија. По приемот на одлуката на селекторот дека на следниот меч со Македонија место него ќе биде Драган Марјанац, што според правилата и прописите не значи крај на учеството на Ѓукановиќ на ЕП, играчот не го соопшти своето незадоволство на селекторот, и место тоа по социјалните мрежи го искажа својот став. Неговото однесување и изјави се апсолутно неодговорни. Лошата организација во репрезентацијата, како што тој вели, воопшто не е вистина. И тие негови изјави мора да се осудат“ - се вели во соопштението од ракометарите на Србија.
Србите признаваат дека ова разнишало атмосферата во нивните редови, пред денешниот натпревар со Македонија, но од друга страна, им влеало и дополнителен мотив за пресметката која треба да реши која од овие две селекции ќе се пласира во следната фаза на шампионатот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа