СДСМ нема да побегне од вистината

 

Поминавме година на тешка политичка криза каква што сме немале никогаш досега. Последиците од оваа криза с` уште ги чувствуваме на економски, социјален, политички и безбедносен план. Останаа многу прашања отворени. Многу дилеми и многу нејаснотии. Kој слушал, зошто слушал, кој продавал, а кој купувал снимени разговори, дали има и кои странски служби се замешани во скандалот, која беше целта на оваа дестабилизација на државата, зошто вторпат ~ се случи ваков скандал на државата (по оној во 2001), какво беше сценариото за оваа криза, каков требаше да биде крајот… Граѓаните ги очекуваат овие одговори, но и очекуваат државата да постапува и да интервенира секаде онаму каде што има сериозни прекршувања на законите.

За да го завршиме овој период нема да се доволни само и само одржување на парламентарните избори, иако тие се единствен начин како да се добие јасен и верификуван легитимитет, но без да се дознаат сите неопходни информации и да се постапува по нив, никогаш нема да заврши оваа криза, односно никогаш нема да завршат последиците од неа. Државата мора да покаже што е во нејзина надлежност или нема држава.

Но, станува с` поочигледно дека СДСМ бега од дознавање на целокупната вистина, бидејќи вистината е против нив. На нив не им одговара граѓаните да ја дознаат вистината за политичката криза што самите ја наметнаа. Не сакаат да се дознае кој ги создал снимките со кои тие се расфрлуваа, кој им ги дал, колку луѓе имале пристап до нив, на колку места се предадени. Зарад такви прашања, ја блокираа работата на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето која самите инсистираа да се формира (а мислеа дека треба да се занимава само со содржината на снимки, но не и со тоа како, каде и кој се тие создавани и дистрибуирани), не ја поддржуваат идејата за формирање анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификувани лични карти, пасоши и афери и дополнително немаат никаква активност и работа со комисиите што ги раководат во Собранието, а се однесуваат на контрола и увид во работата на институциите задолжени за државна безбедност, разузнавање и контраразузнавање.

Значи, едната анкетна ја блокираат, втората не ја поддржуваат, а редовните комисии за контрола ги умртвуваат.

Анкетната комисија што се формира по барање на СДСМ и преку која тие најавуваа дека сакаат да го расчистат скандалот со прислушувањето денес е нефункционална токму поради кочењето од страна на СДСМ. Спротивно на Деловникот, не се свикува седница на оваа комисија иако тоа и формално го бараат доволен број пратеници. Не сакаат да работи оваа комисија зошто им избега од контрола и не стана пазарџиски театар во кој тие самите ќе си ги задоволуваат своите страсти, туку требаше да биде комисија која прво и основно ќе расчистеше со аспектите како настана овој скандал, се со цел да не се повтори.

Оваа анкетана комисија престана да работи токму тогаш кога требаше да дојде и пред нејзе да сведочи претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој е еден од осомничените за овој скандал и требаше да одговори на десетици прашања пред анкетната комисија. Нејзината работа е да ги утврди фактите и да изготви препораки како државата да се заштити од вакви сериозни безбедносни нарушувања и како државата да ги заштити човековите права и приватноста на граѓаните, а не да служи како партиска говорница за рециклирање потрошени прес-конференции.

Бегајќи од одговорите на вистинските прашања за кои знаеја дека ќе бидат поставени, СДСМ реши да ја блокира работата на оваа анкетна комисија и повторно да го одложува расчистувањето на целокупниот скандал.

Неколку месеци подоцна дознавме и за скандал со постоење фабрика за фалсификување лични карти, пасоши и други документи. Врз база на информацијата дека лица на значајни политички позиции во СДСМ и одговорни лица на функција во Република Македонија биле во контакт, корелација, а можеби и во соработка со оваа група лица која фалсификувала лични карти, пасоши, крадела идентитети, чувала кај себе снимени разговори, Собранието на Република Македонија има суштинска надлежност да формира анкетна комисија и да го расчисти целиот нов случај и врз база на прецизните информации кои ќе ги собере да изготви документација врз база на која понатаму ќе се постапува и од страна на самото Собрание и од страна на сите надлежни органи.

Анкетна комисија за скандалот со фабриката за фалсификување лични карти, пасоши, афери и други документи ја црпи својата легитимност од член 17 од Уставот на Република Македонија, со кој на граѓаните им е гарантирана слободата и тајноста на писмата и други видови на облици на општење. Член 18 од Уставот на Република Македонија, со кој што се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци која што во овој случај очигледно не е обезбедена и член 25 од Уставот на Република Македонија, со кој Република Македонија гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот на секој граѓанин на Република Македонија.

Само СДСМ одбива да се расчисти скандалот со фалсификување лични карти, бидејќи сите други пратеници, вклучителни и оние од ДУИ и ДПА прифатија. Очигледно дека СДСМ сакаат нешто да скријат од македонската јавност, бидејќи во оваа афера се директно вмешани нивни највисоки партиски функционери.

Во овој текст би сакал да потсетам дека врз база на Деловникот на Собранието и врз база на материјалните закони, двете собраниски комисии кои имаат надлежност да вршат контрола врз разузнавањето и контраразузнавањето ги раководат кадри од СДСМ и НСДП. Претседателите на овие комисии се назначени веќе четири месеци и тоа во период во кој треба да се истражат сите аспекти на скандалот и треба да се постават нови регулативи со кои ќе се избегнат можностите за повторување на истото. Но, напротив, тие ниту свикуваат седници, ниту работат нешто на оваа тема. Очигледно е дека сакаат да го умртват интересот на јавноста за сите детали од проблемите што ни се случија минатата година.

Kолку и да бегаат СДСМ од вистината, таа ќе се дознае. Дали пред или по изборите веќе и не е значајно, бидејќи граѓаните и без комплетни информации ја разбраа и ја почувствуваа целата завера која беше создадена за да се дестабилизира Република Македонија. Знаат луѓето да проценат кој и зошто се обиде да го наруши нашиот државен углед, безбедноста, стабилноста, економскиот развој и заштитата на националните интереси. Брзо и јасно, како никогаш досега, на 24 април, ќе биде видлива вистината.

Илија Димовски

 
 
11.01.2016 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега