Лична карта

 

Зошто Бранко Црвенковски, иницијатор и еден од неколкутемина автентични основачи на СДСМ, дозволува ваков крај на неговата партија. Толку ли е голем неговиот гнев и повредената суета кон овие што сега имаат визит-карти на шефови: Заев, Шекеринска, Шилегов, Ременска… имаат визит-карти, и ништо друго заедничко со социјалдемократијата.

Друже, ова е обична уличарска мафија.

Мафија која дипломатите ја ставиле во скут, ѝ дале специјална јавна обвинителка да им биде партиски спасител и гледаат како СДСМ се гуши во кал. Валкана кал зависна од нивната, дипломатска волја и лимитите на специјалната обвинителка.

Видовме во Македонија сѐ и сешто во политиката. Многу валкани работи, и на едната и на другата страна, ако сакаме да збориме поштено.

Дел од тоа оди на сметка на детските болести на една држава кон самостојно проодување и трансформација од еден систем во сосема друг. Транзиција која СДСМ ја искористи за масовен грабеж, за продажба на име и знаме за сопствен профит.

Местења избори под кумството на Тито Петковски, и глумење опозиција за потреби на СДСМ со Петар Гошев и Ристо Пенов. Андов не заслужува ни да се спомне.

Од другата страна, ја гледавме Доста Димовска со планската, и за потреби на СДСМ менаџирана бугарофилија. Секогаш кога Бранко ќе паднеше во криза, таа го вадеше.

ВМРО ја имаше фазата на Љубчо Георгиевски, богат како и секој добар бизнисмен на Балканот, од типот на Мишковиќ, секако. Ги имаше Станинов и Љубе Бошковски со владеењето на Георгиевски, време кое беше рамно на власт на улична банда.

Имало корупција, отсекогаш. А која држава ја нема.

Имало сѐ и сешто, но Македонија сега е на нозе. Паѓа невработеноста, се градат патишта и болници, школи… има пари за земјоделци и растат пензиите. Што никогаш не сме го имале откако решивме да проодиме сами, и тоа да го одиме европскиот пат.

Да, мислевме дека сме виделе сѐ што може да биде валкано во политиката.

И – сме се излажале. Дното било многу подлабоко.

Само во Македонија имаме шеф на опозиција кој е амнестиран за корупција.

Само во Македонија ја имаме Шекеринска, која е дваесет години во врв на партија која постојано губи. Да не се парите од Сорос и дипломатите, секако не би била таму.

Само во Македонија, и никаде на друго место на Балканот, СДСМ има портпарол за кој никогаш не знаеш дали е трезен или не е, па дури и кога се заканува со апсења на новинари. Ниту една партија на Балканот нема, ниту имала ваков лик за функционер.

Само овде, и никаде на друго место во светот, шеф на партија како Заев може јавно да монтира и објавува незаконски стекнати туѓи телефонски разговори, и да се надева дека заради тоа ќе му порасне рејтингот. Бламажата ја направи, а партијата падна уште пониско. Рејтингот е квантитативен приказ, не го покажува и презирот кон СДСМ и Заев.

Само во Македонија шеф на опозиција прогласува две третини новинари и медиуми за најголеми непријатели. Да, и овој пример го нема никаде во Европа.

Само кај нас, овде и сега, СДСМ ги обвинува полицајците од сопствената држава, затоа што ја бранеле државата од терористите во Куманово. Патем, и загинаа за тоа.

Друже… Бранко брате, дали е ова твојата партија. Оној СДСМ, од она време.

Само твојата партија, твојот СДСМ е фатен како печати фалца лични карти и пасоши. Прво со намера на расипан начин да му спакува лажна афера на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа да ја искористи гужвата од таа афера, и да ги употреби тие лични карти за избори.

Местењето избори ни на тебе, Бранко, не ти беше страно.

Тито Петковски патентираше бугарски воз за таа намена. Во Прилеп ги фатија вашите полначи на кутии. Суд ги осуди, а ти, Бранко, и нив ги амнестираше.

Имало се и сешто. Но, ова сега го немало никогаш. Ова е дно, Бранко.

Твојата партија, твојот СДСМ, е дел од мафија. Тоа не е партија.

Дел е од мафија оној ден кога ти го амнестираше Зоран Заев за криминал, за украдени 8 милиони евра од проектот Глобал во Струмица.

Верувам дека не си рачунал на ваков развој на човекот, но и ти носиш вина што таков лик, рекетар и криминалец, ја води партијата чиј си основач и легенда.

Не им верувам на муабетите дека си го амнестирал за да ти плати пет од украдените осум милиони, како надомест за амнестијата од претседател на држава. Твоето его не би дозволило една провинциска лопужа да те има во рака и да те држи за муда цел живот.

Сигурен сум дека и тебе, Бранко, ти било срам кога си ја гледал снимката како лопужата бара 200.000 евра поткуп од локален струмички бизнисмен. Јас бев лут.

Твојот Заев, и твојата СДСМ, се дел од мафија.

После сѐ, им влегоа во подземјето во кое партијата е со години, и им фатија фабрика за лажни лични карти и пасоши. Им најдоа и други нешта, но за тоа потоа.

Такви подземни печатења лажни лични карти и пасоши прави мафија. А СДСМ се здружи со таа мафија, соработува со неа, за да има алатка за местење избори, и да има материјал по амбасади да го клевети ВМРО-ДПМНЕ.

Ти ја фатија партијата, твојата СДСМ, во мафијашките подруми. До гуша во криминал.

Личниот опис на оној СДСМ, од времето на Бранко, е сменет. Непрепознатлив.

СДСМ сега е без идентитет. Без лична карта, вистинска. Има само лажна.

Зарем некој веруваше дека партија, како што е сега СДСМ со Заев, осилена со корупција, криминал, рекет и насилства кои се без казна ќе запре со сето тоа. Осилена и под заштита на дипломати, со своја лична специјална обвинителка како партиски сервис… Прво што објавија твоите од СДСМ, дента кога им го фатија погонот за фалсификувани лични карти, пасоши и документи беше – тоа треба да се даде во надлежност на специјалната обвинителка. На Катица.
Тие ги имаат нашите приватни телефонски разговори. Нѐ рекетираат и бараат контрола врз банки, големи фирми и медиуми. Ги имаат нашите пасоши и лични карти. И едните и другите ги фалсификуваат согласно нивни потреби.

Тоа е така уште сега кога се во опозиција. Може ли некој да замисли како оваа мафија на Заев ќе се однесува кога некогаш би добила власт. Замисли само…

И замисли дека сегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски знаел за фабриката за лажни лични карти, пасоши и документи… генерален секретар на партијата е, и ниту една организација не поминува без негово знаење. И сега, он е главен на полицијата. Барал од Обвинителството да има увид и контрола врз истрагата и фатениот фалсификуван материјал. Го одбиле, не е надлежен за тоа. А и сомнителен е.

Кој може да гарантира дека е фатен целиот погон за фалсификување лични карти пасоши, како и други документи за потребите на СДСМ. Никој.

Кој може сега да верува дека на идните избори СДСМ нема да извади фалсификувани лични карти и пасоши од некој друг погон, кој сѐ уште не е откриен.

Дали и сега дипломатите ќе конструираат криза и план СДСМ да се извади и од оваа кал, овој криминал кој никој, и никогаш во Европа го нема видено досега.

Бранко, друже, нема ништо што може оваа багра да ја спаси.

Имаш авторитет и надлежност, распушти ја партијата, поточно мафијата која сега лажно се претставува за СДСМ, и тргни со чистиот дел кон нов проект.

На личната карта од СДСМ веќе нема лик. Лажен е и фалсификуван.

 
 
20.12.2015 - 20:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега