Поради скандалозните судиски одлуки Шкупи и Вардар не го доиграа мечот во Чаир
Незадоволни од арбитражата на судијата Дејан Младеновски, но и неговите помошници, екипите на Шкупи и Вардар не го одиграа второто полувреме на мечот помеѓу „Б’’ тимовите.
На денешната средбата на стадионот во скопската населба Чаир, во главна улога на овој меч беше главниот судија Дејан Младеновски, кој во првото полувреме досуди три пенали за домаќините.
Најнапред, откако за прв пат покажа на белата точка, а младиот вардаров голман Филип Трајчевски го одбрани ударот, судијата Младеновски реши да го повтори пеналот. Но, фудбалерите на Шкупи не успеаја да ја искористат и втората можност. Петнаесет минути подоцна беше досуден уште еден пенал за домашниот тим, но и тој Трајчевски го одбрани.
Првото полувреме беше продолжено десет минути од судијата Младеновски, односно се до моментот кога со голот на Самир Шабани, домашниот тим дојде во водство.
По ваквиот развој на настаните, управите на двете екипи, Шкупи и Вардар, се договорија мечот да не продолжи.
Како што се вели во информацијата објавена на официјалната веб-страна на ФК Вардар „Двете екипи се договорија да не го одиграат второто полувреме од дуелот, поради непрофесионалниот однос на судиската тројка Дејан Младеновски, Сашо Тошевски и Бојан Ивановски’’. Сега останува да се види, каква реакција ќе уследи од Фудбалската федерација на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа